„РУЕН“ Е ПРВАТА КОМПАНИЈА ВО СТЕЧАЈ ШТО СЕ ПРОДАДЕ

15 April, 2014 - 16:51

Фабриката за автомобилски делови „Руен“ од Кочани е првата компанија во стечај чиј недвижен имот се продаде на електронска аукција. На вчерашното наддавање била понудена највисока цена од околу еден и пол милион евра, а продажбата ќе треба да ја одобри и одборот на доверители. Ова е единствениот начин на кој во иднина ќе се продава имотот на фирмите за кои се води стечајна постапка. Со ова ќе се постигне поголема транспарентност и побрзо затворање на стечаите, вели вицепремиерот Владимир Пешевски.

- Ќе се зголеми процентот на подмирување на доверителите во однос на претходниот период кога постапките траеја долго, некогаш немаше рокови до кога треба да се продаде имотот, а често пати за еден имот имаше и по 10-15 огласи за продажба со иста почетна цена.

 

Пешевски најави дека предмет на продажба по електронски пат ќе може да бидат и недоградени објекти на фирми кои се во стечај.

- Со тоа ќе се отстрани онаа грда слика кога недоградени објекти со години го грдат градот, но и многу брзо пропаѓаат. Такви се објектите од случаите „Фиком“ и „Самарија“, истакна Пешевски.

 

Сепак измамените станари во аферата „Фиком“ не веруваат дека на овој начин ќе се овозможи нивно обештетување. Две од трите недоградени згради судот веќе и ги додели на Еуростандард банка и тие не може да бидат предмет на продажба како дел од стечајната маса, вели Лорија Ваневска.

- Третата борба е за зградата „Антигона“, каде што банката повторно претендира на склучена хипотека за наводен кредит кој го добила фирмата „Фиком“ во текот на градбата. Затоа мислам дека овие норми нема да бидат применливи за случајот „Фиком“.

 

Според Ваневска, најголем дел од стотиците измамени граѓани, кои уплатија пари, а не добија станови најверојатно ќе останат со „куси ракави“. 

Веста е прочитана 106 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.