Отворена понуда до Циц да влезе во владата

2 October, 2017 - 17:29

Со аплауз и овации синоќа Кумановци ја проследија отворената понуда на премиерот до нивниот актуелен градоначалник, Зоран Дамјановски - Циц, да влезе во владата. Заев го пофали како предводник во битката против предходната власт, кој заедно со неговите соработници ги издржал сите закани, инспекции, пријави, тортури и омаловажувања.

Дамјановски денеска не сакаше да зборува за тоа, дали би ја прифатил понудата. Вели дека таа е се уште декларативна и дека немале конкретни разговори со премиерот, Нема потреба од вработување во државна служба, но, ако владата  има потреба од неговото големо работно искуство во повеќе сфери, тогаш би ја прифатил понудата. Шпекулациите, дека за него се планира амбасадорско место ги отфрли како кулоарски муабети. Неодамна и градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, доби иста понуда и ја прифати. Ова, според аналитичарите, не е невообичаено и носи корист и за едните и за другите.

Практичната страна на ситуацијата, вели Гаџовски, е во тоа што, поддржувачите и на Дамјановски и на Жерновски се од истото гласачко тело на СДСМ и со понудите се спречува  тоа да се прелее кај заедничкиот непријател, што во случајов е ВМРО ДПМНЕ.

Ваквите вдомувања се стара пракса што до сега ја практикуваа сите влади. И претходникот на Дамјановски во Куманово, Слободан Ковачевски, од градоначалник стана амбасадор во Црна Гора. Поранешниот градоначалник на Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, пак, беше вдомен од владата на Груевски за амбасадор во Бугарија. Бројни трансфери има и од централната власт во дипломатијата, како Ивица Боцевски, вицепремиерот за евроинтеграции кој замина за амбасадор во Бразил, министерот за транспорт и врски, Агрон Буџаку, кој стана амбасадор во Франција, а меѓу нив се и имињата на Благој Ханџиски, Слободан Чашуле, Перо Стојановски и многу други. 

Далиборка Демјанска 

Веста е прочитана 5352 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.