Брз поврат на ДДВ и пониски казни, се дел од 60 барања на фирмите

2 October, 2017 - 17:36

Дури 60 големи проблеми поврзани со законите во земјава ги мачат домашните компании, ова тие го кажале во анкетата направена во декември лани во рамки на проектот на УСАИД. Четирите клучни комори во земјава се обединија во разговорите со Владата за тоа како да се подобри бизнис регулативата. Фирмите да плаќаат ДДВ дури откако ќе ги наплатат своите побараувања, брз поврат, но и пониски казни и при царинските постапки, и за неиздавање на фискална сметка, кои нема да содржат клуч на врата, се дел од барањата.

„Бизнис заедницата бара брзо, целосно и безусловно враќање на ДДВ, враќањето да не се условува со извршена контрола и да се врши во пократки временски периоди. Намалување на казните и укинување на казните за одговорно лице. Согласно нашите закони, за еден ист прекршок, покрај фирмата, се одредени казни и за одговорното лице, а некогаш и за извршителот, на пример, во сообраќаен прекршок, и за возачот. Затоа се бара да постои само една казна“, рече Димовска.

Да запре и самоволието кај дел од царинските службеници, да се донесе етички кодекс за нивното работење, барат фирмите.

„Често пати како проблем беше посочен токму субјективниот и непрофесионален однос на царинските службеници, се разбира не кај сите, туку само кај дел, фирмите често кажуваа дека немаат толку проблем со законите, туку со различното толкување на закониоте и различното однесување на царинските службеници“, рече Димовска.

Во однос на Законот за работни односи, компаниите бараат практиканството и пробната работа да бидат посебно регулирани, пред да биде склучен договорот за работа, бидејќи сега компаниите имале големи давачки за овие вработени, главно за нивно дообучување. Од коморите тврдат дека на овој начин тие не се обидуваат да ги избегнат платите и придонесите за овие работници.

Големи трошоци на фирмите им создавале и исплатата на К 15, задолжителните систематски прегледи, како и законските одредби за управување со текстилен отпад.

Дел од барањата веќе се во фаза на решавање, а набргу ќе се прави и нова анкета за проблемите на бизнисот.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 702 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.