Каталонија спремна за отцепување - Мадрид подготвува контрамерки

2 October, 2017 - 21:49

Наредните часови и денови се полни со неизвесност и непознати за односите меѓу Барселона и Мадрид, по вчерашниот унилатерален референдум на Каталонија, на кој Шпанската круна одговори со политичка репресија и насилство. 2,3 мил. лица гласале, 90 проценти се изјазниле за независност, но само 38 проценти од вкупната популација на Каталонија. Бројки кои делуваат како премалку за форсирање на независноста. Сепак, премиерот на Каталонија Карлос Пучдемон ги отвара вратите кон унилатереално прогласување на независност во следните 48 часа.

-„Народот на Каталонија денес го освои правото да станат независна држава, преку формирањето на република“, изјави Карлос Пучдемон –премиер на Каталонија

Пучдемон побара од ЕУ да престане да ја врти главата на другата страна пред насилството и да посредува во дијалог со Мадрид.

-Според Шпанскиот Устав вчерашното гласање во Каталонија не беше легално, кажа Маргаритис Шинас – портпарол на ЕК.

Европа смета дека прашањето е внатрешно и треба да се реши во рамките на шпанскиот устав, пред се блокирана од стравот од слични процеси или домино ефект кај останатите сецесионистички европски региони.

Сепак, покрај ЕУ, тој што ја врти главата е пред се шпанскиот премиер Маријано Рахој, кој вчерашниот референдумот го нарече фарса.

-„Немаше никаков референдум за самоопределување во Каталонија денес. Денес, сите Шпанци видоа дека нашето владеење на правото се уште е силно и се уште е на сила, дека одговара пред тие кој се обидуваат да го поткопаат, дека реагира кога сакаат да го прекршат, дека делува преку своите правни лекови, наспроти секој вид на провокација, и тоа го прави ефикасно и смирено“, истакна Маријано Рахој – премиер на Шпанија.

Но, и Рахој знае дека вчерашното насилство претставува голем медиумски пораз за шпанската круна, давајќи чувство и слика на одреден авторитаризам, наспроти барањето на Каталонците. Барање кое е исфорсирано и нелегално можеби, но кое не заслужува вакви тажни слики на бруталност и репресија. Шпанскиот премиер по прв пат призна дека политиката мора да седне и да разговара за овој проблем, во обид да ја санира фрактурата барем со дел од каталанското општество.

Од друга страна, Каталонците ќе се обидат да придобијат што повеќе луѓе на своја страна и да го обединат реално поделеното општество, по оваа симболична победа за каузата за независност.

Неколку се политичките сценарија:

Унилатерално прогласување на независност, без договор со Мадрид, нешто што делува како најлошо сценарио со можно продлабочување на насилството.

Предвремени регионални избори во Каталонија со откажување од унилатерално прогласување независност, нешто што ќе ја засили нивната меѓународна позиција, но може да создаде поделби меѓу главните каталонски партии.

Трето, предвремени парламентарни извори. Рахој излага со скршени коски од референдумот, додека кај главните партии меѓу кои социјалистите и Подемос нема расположение за избори. Подемос дури бара и оставка од Рахој, нова влада која би го сменило шпанскиот устав трансформирајќи ја Шпанија во федерална држава.

Активирање на членот 155 од шпанскиот устав и суспендирање на каталонската автономија. Рахој има мнозинство во Сенатот за таа цел.

И конечно, се уште далечното, но оптимистичко сценарио, дека ќе превладее разумот, и ќе победи дипломатијата, ќе се седна на маса и дојде до политички договор како во случајот со Баскија.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 4482 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.