Родителите на убиените кај Смилковци разочарани и од поранешната и од актуелната власт

4 October, 2017 - 18:16

Ниту Врховниот суд ниту в.д. државната обвинителка Лилјана Спасовска не ги побарала од Катица Јанева прислушкуваните разговори за кои како што рече обвинителката вчера фрлаат сенка врз предметот Монструм и побара укинување на доживотните пресуди за 5 кратното убиство кај Смилковското езеро. СЈО се уште води предистражна постапка и врши проверки пред да одлучи дали ќе побара надлежност над предметот „Монструм“, потврдуваат од таму.

Обвинителката Гордана Гешковска која го покрена обвинението за тероризам  и која во завршниот збор рече дека намерата била да се убијат млади машки лица од македонска националност и христијани со цел да има крвав Велигден, денеска не сакаше да коментира дали  нејзината колешка Спасовска која до изборот на нов обвинител седи во фотељата на Марко Зврлевкси го доведува во прашање нејзиното постапување во предметот.

-“Не коментирам постапување на колеги. Обвинението е базирано на докази и според закон и како такво помина и во кривичниот суд каде имаше осудителна пресуда а потоа ја потврди и Апелациониот суд каде по жалбите одлучуваа 5 второстепени судии. Без разлика на тоа каков е предлогот на обвинителот или адвокатите Врховниот суд носи конечна одлука“, кажа Гордана Гешковска, обвинител.

Роднините на убиените момиња велат дека се потврдуваат нивните сомнежи дека политичарите не дозволувале до крај да се дознае вистината. Разочарани се и од претходната власт што ги штитела тие што стојат во позадина на масакарот, но и од новата бидејќи им ветила дека клучот е во прислучкуваните разговори.

Славковски вели, се согласува со обвинителката дека треба до крај да се докаже, но прашува зошто ова се влечка со години и до кога треба да чекаат да ја дознаат целосната вистина. Тешко да слуша секакви шпекулации и вели очекувале дека убиството на нивните деца ќе биде меѓу првите предмети на СЈО.

И роднините на обвинетите порачуваат: „се уште сме далеку од вистината и очекуваме правда“. Вчерашниот предлог на обвинителката кој може да донесе пресврт во случајот го примиле смирено и без еуфорија.

Адвокатот Насер Рауфи очекува да биде укината пресудата, но Врховен да даде насоки на основниот суд, одбраната да може да ја види лично опел омегата во која според обвинението е пронајдена днк на едне од обвинетите, но исто така и да им се дозволи да направат паралелни вештачења бидејки анализите од МВР според одбраната не биле објективни. Очекува деновиве да биде и укинат притворот за обвинетите.

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 5440 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.