Почнаа преговорите со Кинезите колку плус пари ќе чини Кичево-Охрид

4 October, 2017 - 18:44

Владата ги почна преговорите со кинеската Синохидро за тоа колку плус пари ќе треба да и се платат за да ја доврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Претходната Влада со Кинезите договори овој автопат од 57 километри  да чини 373 милиони евра, но станува јасно дека оваа сума сигурно ќе биде сериозно надмината. За колку, од Владата не кажуваат, велат ќе се чекаат експеретските мислења. Некои медиуми излегоа со тврдење дека Кинезите барале дополнителни 143 милиони евра, министерот Сугарески вели дека не слушнал за таков износ.

„Очигледно беше лиферувана информација која внесе малку поголем хаос, за некои 140 и не знам колку милиони евра, па наводно Зев не давал, и не знам од каде е таа информација, еве јас сум владин извор, ресорен министер и не знам за тоа. Се дури не го слушнам експертското мислење до крај и не слушнам од надзорот на автопатот конкретно за што се работи, бидејќи огигледно пропустите направени во тунелите и свлечиштата ќе изискуваат сериозна сума на пари, не би сакал да се шпекулира со разно разни бројки, кои не дај боже би предизвикале нешто сосема поинаку, бидејќи, да потсетам, дека и СЈО за двата случаи има подигнато обвинение“, вели Сугарески.

Со Кинезите ќе се преговара и за колкав период ќе се продолжи рокот на изградбата, бидејќи, вели Сугарески, станува јасно дека тој нема да биде завршен до јануари идната година. Извори за Телма велат дека е можно рокот да биде продолжен дури и за три години, досега се завршени половина од работите. Министерот ветува дека јавноста ќе ги добие сите одговори.

Идната недела, во петок, во земјава ќе доапатува кинеска делегација, предводена од заменик министерот за надворешни работи на Кина. Од македонското МНР ја потврдуваат оваа посета, но велат дека засега не можат да кажат дали автопатиштата ќе бидат дел од разговорите.

Вчера, пак, без да бидат повикани новинарски екипи, владини министри и претставници на Синохидро го потпишаа анексот на договорот за пролонгирање на автопатот Миладиновци-Штип, до септември 2018, иако требаше да биде готов до мај годинава.  

„Двете страни се откажаа од можно обесштетување, интенција е изградбата побрзо да заврши“, вели Бошњаковски.

До 15 февруари идната година е договорено ни една од страните да не плаќа пенали за доцнењето. Дотогаш треба да се отстранат сите пречки за да може да се продолжи со изградба на автопатот долг 47 километри. Ако нема пенали до крајот на изградбата, Миладиновци-Штип би требало да ја задржи договорената сума од 206 милиони евра. Досега се завршени 74 отсто од градежните работи, од Владата тврдат дека нема застој и на терен активно се работи.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 3204 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.