Почина независниот кандидат од Кичево девет дена по нападот

5 October, 2017 - 15:55

Почина Алит Абази. По девет дена борба за живот на скопските клиники, носителот на независната листа на советници во Кичево им подлегна на повредите. Лекарите го држеа во вештачка кома. Куршумите сериозно му ги оштетиле 'рбетниот мозок, 'рбетниот столб и крвни садови, откако во него од зад грб пукал сограѓанин со кој подолг период имал несогласувања. Обвинителството отфрли поврзаност на убиството со изборите. Тврдат, не било политички мотивирано.

„Привремената Комисија за следење на евентуалните изборни нерегуларности го разгледа кривично правниот настан. Информирани сме од надлежното Основно јавно обвинителсвто Гостивар дека нема никаква поврзаност на мотивите за стореното кривично дело со изборниот процес. Од тие причини, натамошниот тек на истрагата нема да биде следен од страна на Комисијата“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.

58 годишниот напаѓач во Абази пукал со пиштол кој го поседувал без дозвола. МВР му поднесе кривична пријава, а судот му одреди 30-дневен притвор. Во пукотниците повреден беше и шефот на изборниот штаб на Абази, Дестан Адиу, како и случаен минувач. Тие се надвор од животна опасност.

Весна Јовановска - Дојчиновска

Веста е прочитана 7562 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.