Пробиени рокови, поскапена изградба - автопатиштата во ќорсокак

5 October, 2017 - 21:21

Што ќе се случи побргу - ќе биде изграден автопатот Кичево- Охрид, или Вевчани ќе стане домаќин на олимпијада. Вакви и слични шеги деновиве се шиарат на социјалните мрежи, откако стана јасно дека новите автопатишта, пред неколку години најавени амбициозно како мега проекти кои земјава ќе ја направат атрактивна дестинација, на терен доживуваат своевидно фијаско. Роковите се пролонгираат, а изведувачите бараат екстремни суми дополнителни пари за да ја завршат изградбата. Владата деновиве во тајност потпиша анекс на догопворот со кинеската Синохидро за продолжување на рокот на автопатот Миладиновци Штип дури до септември идната година, иако требаше да биде готов до мај годинава. Не се кажува кој е виновен што изградбата доцни, но се знае е дека никој нема да плаќа пенали за тоа.

„Досегашното искуство покажа дека според своите финансиски можности и капацитети, Македонија може да изгради максимум 15 километри автопат годишно. Изгледа дека ние со овие крупни проекти што ги започнавме, бевме премногу амбициозни, велат експертите, затоа и се случија доценањата и големите суми дополнителни средства“.

Не е претерано да се каже дека рокот кога ќе заврши Кичево-Охрид е вистинска енигма. Се споменува можно доцнење и од 4 години. Дополнително, излегоа шпекулации дека Синохидро наводно бара плус 143 милиони евра над првично договорените 373, сума што од Владата ја демантираа, тврдејќи дека допрва преговараат на таа тема со Кинезите. Владата, вели Танески, директор на Заводот за испитување материјали кој е проектант на 5 делници од автопатот, мора да води сметка за политичкиот момент и односите со Кина, но доколку не се постигне разумен договор, премиерот Заев би требало да размисли и за прекинување на проектот. 

„Јас би одел на прекин на договорот, би ангажирал правни експерти како тоа да се изведе. Владата во тој случај не би требало да плаќа пенали, зошто пенали кога тие доцнат. Автопатот сигурно нема да се заврши до февруари в година, можно е изградбата да трае уште 2,3 или 4 години, тие доцнат, нека плаќаат тие пенали. Не би го прекинал, но би направил постапка што значи прекин на договорот“, вели Танески.

„Според мене, 3 години пролонгирање на изградбата, мислам дека е преурането да се даваат такви изјави, додека експертите не се произнесат. Според мене е нелогично да се бара  и пролонгирање на рокот и плус пари. Тоа е предмет на дебата. Ќе биде тешко да се преговара“, вели Палоши.

Тој смета дека е најбитно да се задржи квалитетот на автопатот.

„Моја препорака е да го одржиме квалитетот, и дали ќе се оди на ооцијата да се плати разлика во цена, или да се продолжи рокот, или комбинација, треба да одлучат експертите“, вели Палоши.

Можно ли е Кичево-Охрид да поскапи и до 9 милиони евра по километар, од првично одредените 6,5 милиони. Доколку е точно дека Синохидро бара 143 милиони евра за доизградба, таа сума е нереална и Владата не треба да ја прифати, смета Танески. Тој е дециден дека цената и на двата автопати договорена уште на стартот со Кинезите е повисока од проектантската, затоа и СЈО го отвори овој случај. Според светските стандарди, цената на еден проект може да се зголеми за максимум 10 отсто.

„Значи дека автопатот може да поскапи во конечна сума за 37 милиони евра, тоа е крајна сума, за тој проект. Може да има и некои нови барања, на пример некоја клучка и слично, и тогаш може да се прифати, ама на основната цена зголемувањето може да биде само 10 отсто и од тоа не треба да се бега“, вели Танески.

Танески е дециден дека сериозен експерстки тим мора да испита зошто и врз основа на кои елементи изведувачот Синохидро бара повисока цена, или тоа го бараат подизведувачите Гранит, Трансмет, Илинден и албанската Викторија Инвест. Најдобро е да дојде надворешен ревизор.

Кој е одговорен зошто дојде до вакво екстремно поскапување на и онака скапо договорениот 57 километарски автопат, Танески вели дека овој проект е правен надвор од нашиот Закон за јавни набавки, директно со закон од претходната Влада, која го изгласа преку Собранието. ЈП за патишта е инвеститор, нарачател на проектот, тие требало да следат и веднаш да ги воочат разликите во цената, а не да се молчи 3 и пол години. 

Претходниот директор на ЈП за патишта, Александар Стојановски, денеска не сакаше да коментира ништо во врска со случајот, упати на новото раководство, рече дека сега е само вработен во ова јавно претпријатие.

За автопатот Миладиновци-Штип од 47 километри, пак, Танески вели дека со цена од 206 милиони евра која за тој терен е и повеќе од солидна, Владата требало да побара пенали од Синохидро за доцнењето, околу 10 милиони евра, бидејќи нема објективна причина зошто е пробиен рокот.

Никој од компанијата Синохидро денеска не можеше да се добие за да го даде својот став за поскапувањето на автопатот, а засега нема одговор ни од Кинеската амбасада во земјава

Министерот Сугарески вчера изјави дека не знае од каде дошол износот од дополнителни 143 милиони евра и рече дека Владата со Синохидро веќе преговара за тоа прашање.

Доцни и автопатот Демир Капија-Смоквица, опозицијата за тоа ја обвинува Владата, оттаму, пак, велат дека тоа е заради нивни пропусти и најавуваат дека во најбрз можен рок автопатот ќе биде пуштен во употреба.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1830 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.