ШК „Алкалоид“ повторно во борба за врвот на Европскиот Клупски Куп 2017

6 October, 2017 - 13:52

Најуспешниот клуб во шаховската историја на Македонија ШК „Алкалоид“ и актуелен Европски Клупски Шампион, оваа година повторно патува на најсилното клупско шаховско натпреварување со амбиции за висок пласман. Турнирот ќе се одржи од 8 до 14 oктомври во Анталија, Турција. По историскиот резултат со освојувањето на Шампионската титула минатата година, ШК „Алкалоид“ повторно има за цел освојување едeн од медалите. Најсилен конкурент и рејтинг фаворит на турнирот е екипата на „Globus“ од Русија (поранешен „Siberia“, која беше шампион 2015 година). Следат „Mednyi Vsadnik“ и „Legacy Square Capital“ исто од Русија, потоа освојувачите на шампионската титула во 2013 „AVE Novy Bor“ Чешка и „Odlar Yurdu“ од Азербеџан.

Составот на „Алкалоид“ е ист како претходната година, по двајца врвни велемајстори од Кина, Украина и Русија, заедно со двајцата најдобри македонски шахисти.

Лирен Динг, член на кинеска репрезентација и освојувач на златен медал на Олимпијадата 2014 и на Светското Екипно Првенство 2015, при тоа и бронзен медал за индивидуален резултат. Јангји Ју, исто така член на кинеската репрезентација со која освојува златен медал на шаховската Олимпијада 2014.  Павел Елјанов, најдобриот Украински шахист во моментов, кој со Украинската репрезентација има освоено две олимписки злата. Дмитри Јаковенко, Европски шампион за 2012 година; Светски јуниорски првак до 18 години во 2001 година и носител на сребрен Олимписки медал за 2012 година, два пати златен медал за индивидуален резултат на Олимпијада (2008 и 2012). Дмитри Андрејкин, светски јуниорски првак за 2010 година и Шампион на Русија за 2012 година, три пати член на шампионска екипа на Европски Клупски Куп (2009, 2010 и 2016), два пати (2008 и 2012) златен медал за индивидуален резултат на Европски Клупски Куп. Јуруј Криворучко, член на Украинската шаховска репрезентација; Шампион на Украина за 2013 година и континуирано член на ШК „Алкалоид“ во последниве 6 години; 2015 година втор најдобар индивидуален резултат на Европски Клупски Куп. Филип Панчевски член на Македонската шаховска репрезентација и шампион на Македонија 2010, 2012, 2014, 2016. Трајко Недев, член на Македонската шаховска репрезентација, со која освојува сребрен медал за индивидуален резултат на Олимпијадата 1996 и Европското Екипно Првенство 2003 година. Шампион на Македонија 1997, 2000 и 2011. Драгољуб Јаќимовиќ, како член на Македонската шаховска репрезентација освојува златен медал за индивидуален резултат на Олимпијадата 2000. Долгогодишен селектор на репрезентацијата. Капитен на екипата на ШК Алкалоид од 2009 година.

Составот на екипата е одраз на одличен тимски дух, играчи кои меѓусебно се почитуваат и соработуваат во интерес на постигнување најдобар резултат за клубот. Редоследот на играчите по табли Алкалоид ќе го објави на самиот почеток на натпреварите. 

Веста е прочитана 204 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.