Финансиска контрола на државни институции

6 October, 2017 - 20:02

Владата го стави под лупа работењето на 30-тина државни и јавни  претпријатија.Во нивните завршни сметки за 2016 година недостасуваат податоци за тоа на што се трошеле милионски суми пари и со чиво одобрување.

И покрај бројните барања да се достават докази , дел од претпријатијата меѓу кои Агенцијата за пасишта, ЈП Водостопанство Лисиче од Велес ,АД ГТЦ , ЈП Македонски шуми,  со недели ја одолговлекуваат постапката.Во завршните сметки има многу нелогични ставки за начинот на кој биле трошени парите .Надлежните институции мора да утврдат каде тие завршиле, соопшти, ген. Сек. Драги Рашковски.

Финансова инспекција веќе 6 недели го чешла работењето на ГТЦ додека со него директоруваше Аго Абазовски. Од задолжителните парични резерви на ова Акционерско друштво недостасуваат 110 мил денари или околу 1,8 милиони евра. Средствата ги нема веќе три години и не се знае како биле потрошени бидејки за тоа не постои никаква одлука. Директорот на финансовата полицијата  Арафат Муареми за Телма рече дека  процесот е на ниво на предистражна постапка а резултатите дополнително ќе се обелоденат. Новиот директор на ГТЦ, Ѓорѓи Трајчевски не коментира ништо додека не заврши истрагата но потврдува дека кога дошол на позицијата, сметката на ГТЦ била празна.

ГТЦ е во лоша состојба повеќе од една деценија. Новото раководство ветува дека најстариот ТЦ ќе си го врати идентитетот, ќе се обнови старата автобуска постројка, ќе се подобри осветлувањето, хигиената, и ќе се вратат брендовите.

ЈП Македонски шуми не знаело каде завршиле 850 000 евра од нивната сметка, па по укажување на владата, министерството за правда утврдило дека парите по грешка завршиле во рацете на извршител од Делчево. Поради вакви и слични ситуации, менаџерите не можат да покажат чисти извештаи, вели Рашковски, па затоа владата не може да ги одобри нивните завршни сметки.

Според неодамна објавените податоци од финансиските извештаи на 121 државно претпријатие, секое четврто работело со загуба. Најголем е минусот кај Македонски железници Транспорт, а потоа ЈП за извршување водостопански дејности .

Виолета З Стојановска

Веста е прочитана 1805 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.