Ако државата не доцни со субвенциите, за фирмите не е проблем минималната плата

7 October, 2017 - 15:44

Фирмите стартуваат со минималната плата од 12 илјади денари. Најдоцна до 15 октомври сите вработени кои досега имаа плата пониска од овој износ, треба да го земат зголемениот септемвриски минималец. Компаниите ќе треба прво да ја исплатат платата, а потоа да бараат државата да им ја исплати ветената финансиска помош.

Односно, работодавачот прво го пополнува образецот MPIN, во кој ги обележува работниците кои во периодот јануари-март 2017 имале плата помала од 12 000 денари. За овие вработени УЈП податоците треба да ги собере и обработи, и во рок од еден месец да ги достави до Министерството за труд, преку кое им се исплатуваат субвенциите на фирмите, објаснуваат од Владата.

Бизнисмените велат дека ако државата не доцни со исплатата на финансиската помош повеќе од 45 дена, за нив не е проблем минималната плата.

„Системот мора да функционира добро. Нормално е бизнисмените прво да исплатат плата, а потоа да бараат од државата да им рефундира дел од средствата. Не е возможно државата прво да им ги рефундира средствата, па тие да исплатуваат плата. Сосема е во ред овој принцип, само државата треба во најбрз можен рок, идеален рок од максимум 45 дена да ги исплаќа тие пари и на бизнисот тоа не би требало да му претставува никаков товар, бидејќи зголемувањето на платите значи зголемување на јавната потрошувачка. И мој предлог до Владата е секоја година да има зголемување за по 5 отсто на платите и во јавниот и во приватниот сектор, и на пензиите, тоа ќе го заживее економскиот раст и до 6 до 7 отсто“, вели Рафајловски.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека Владата се најде во времеснки костец со овие законски измени, но добро е што УЈП вчера излезе со упатство како да постапуваат фирмите.

„Се разбира дека во овој случај работодавачите ќе мора да дојдат во ситуација од сопствените средства да го финансираат зголемувањето на платите. Но, ако државата успее, онака како што е напишано во правилникот, да го запази рокот за исплата на финансиската помош, тоа нема да биде проблем за компаниите. Сите пресметки ќе ги направи УЈП и за 40 дена ќе треба да се исплатат средствата“, вели Димитров.

Со Законот е наведен периодот од јануари до март годинава, со цел државата да се заштити од можноста дел од работодавачите прво вештачки да ги намалат платите, а потоа да ги зголемат и да бараат помош од државата.

Фирмите ќе добиваат од 500 до 2.000 денари по вработен, во зависност од платата што ја имале работниците. Газдите за да ја добијат помошта ќе треба редовно да ја исплаќаат платата, да не се во постапка за стечај или ликвидација и да не се ослободени од придонеси. Работодавачите не смеат да ги отпуштат работниците минимум една година, во спротивно ќе ги вратат парите. Контролите ќе ги врши Државниот инспекторат за труд. Од март идната година помошта ќе се намали на 50 отсто.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 2396 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.