За да нема злоупотреби, Владата строго да ги контролира јавните претпријатија

8 October, 2017 - 15:51

Владата под итно да го стави под строга контрола работењето на јавните претпријатија, а нивната дејност да се сведе на она што е утврдено според законите и прописите. Нивната добивка, доколку ја остварат, веднаш да се префрла во приходната страна на буџетот, а не парите да се трошат нетранспарентно, преку телефонски налози од врвот, како што слушавме во бомбите за претходната власт. Ваков е ставот на Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии, откако Владата деновиве објави дека го става под лупа работењето на 30 државни институции и јавни  претпријатија.

„Слушнавме што се правело во ГТЦ, но ова се само симптоми на една драматична состојба, и таму ако се анализира се, а Владата може тука директно да влијае, ќе се откријат многу злоупотреби. Не е само Буџетот, туку под надлежност на Владата е и јавниот сектор, јавните претпријатија, и ако тоа се собере, тоа е јавен имот поголем од вкупниот буџет на земјата“, вели Хајредини.

Власта, вели Хајредини, паралелно, не смее да се откаже ниту од барање одговорност, како и кривично гонење на евентуалните злоупотреби, бидејќи и овде станува збор за ненаменско користење на средства кои исто така се на сите граѓани.

„Ама ми се чини дека оваа Влада нема ранг листа на приоритети, или, пак, има, ама не може за кратко време да стигне да ги менаџира овие проблеми, а убеден сум дека ќе искрснат уште поголеми проблеми“, вели Хајредини.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, во петокот информираше дека во завршните сметки на дел од јавните претпријатија и државни институции, има многу нелогични ставки за начинот на трошење на средствата. Финансова инспекција, пак, веќе 6 недели го чешла работењето на ГТЦ, од каде од задолжителните парични резерви пред 3 години без одлука се потрошени 1,8 милиони евра.

Нина Нинеска-Фиданоска 

Веста е прочитана 992 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.