ЕЛЕМ увезе струја

10 October, 2017 - 19:01

АД ЕЛЕМ ќе увезе 29,7 мегават часови електрична енергија по просечна цена од 62,8 евра.Увозот според компанијата следи откако се избрани најповолните понуди за набавка на струја на аукцијата на која учествувале 6 компании од Скопје и Струмица.

На аукцијата беа купени 29,7 GWh електрична енергија по средна цена од 62,8 €/MWh. Од пријавените шест фирми, најповолна цена понудија фирмите ГЕН-И Продажба ДООЕЛ Скопје, ЕФТ Македонија ДООЕЛ Скопје и ДАНСКЕ Комодитис ДООЕЛ Скопје. Вкупната вредност на набавката изнесува 1 865 154 евра.

За првиот од двата понудени лота постигната е просечна цена од 57,99 евра, а за вториот лот 67,31 евра што е пониско од цената на струјата на берзата ХУПЕКС во Унгарија која денеска изнесуваше 58,86 евра односно 73,93 евра за мегават часови електрична енергија.

И покрај тоа што Електрани на Македонија рекоа дека струјата се купува во октомври, но е наменета за периодот од 1 до 30 ноември кога се очекува зголемена побарувачката поради грејната сезона останува да се види дали овие количества струја ќе бидат доволни за да се задоволат потребите на потрошувачите бидејки еден блок од РЕК Битола се уште е во ремонт, во РЕК Осломеј траат подготвителните активности за почеток на производството и за дополнителен ископ на јаглен кој досега не бил обезбеден, а водостојот во хидроелектраните е многу низок што значи дека нема доволно вода за произвоидство на струја во зимскиот период.

Само во јануари годинава поради тоа што РЕК Битола не работеше со полн капацитет, беа спроведени 6 набавки на електрична енергија за домаќинствата и малите компании за што беа потрошени околу 6 милиони евра. За увоз на струја во втората половина од годинава претходното раководство на ЕЛЕМ предвидело 8 мил евра.

Виолета З Стојановска

Веста е прочитана 903 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.