СТУДОТ ГО „ДЕСЕТКУВА“ РАНОНГРАДИНАРСКОТО ПРОИЗВОДСТВО

19 April, 2014 - 14:43

Ниските температури, кои последниве денови го зафатија и Струмичкиот регион го десеткуваат раноградинарското производство. На удар најмногу се пиперките и краставиците засадени под пластеници. Земјоделците велат дека се немоќни против природата и единствено со најавеното затоплување во наредните денови очекуваат состојбата да се подобри.

-Јас имам пипер. Ниските температури сега ќе го шокираат и развојот ќе стагнира. Ако се подобрат временските услови ќе тргне напред. Не можеме ништо да преземеме против Господ. Природата е таа, вели Веле Велевски земјоделец од Струмица.

 Според земјоделските експерти поради топлото време во изминатиот 

период раноградинарите побрзааа расадот да го пренесат на постојано место за одгледување и со покривање со повеќе слоеви полиетиленско платно се надеваа дека ќе го заштитат  производството од ниските температури.

-Овие ниски температури и врнежи од снег, каде што знаеме дека вегетацијата веќе е тргната да расте  секако дека ќе имаат одредени негативни последици врз нормалниот раст и развој. Навидум сега штети како да нема, но подоцна од физиолошки аспект ќе се види дека одредени култури ќе имаат видливи штети по однос на нивниот понатамошен развој, плодоносење и добивање на одреден квалитетен производ. При такви температурни екцеси каде што растенијата го имаат доживеано стресот не можеме да олекуваме некои подобри резултати, вели д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата.

 Покрај раноградинарските култури студеното време ги погоди и пчеларите. Токму тие ќе забележат најмногу штети од студот.

-Факт е дека најмногу штета ќе имаат токму пчеларите од овие пет-шест облачни и врнежливи денови изразени со ниски температури, а знаеме дека сега е период на цветење и пчелите се ускратени од таа функција на оплодување и медоносење, смета д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенија.

 Агрономите препорачуваат  земјоделците да се придржуваат кон нивните упатства и при тоа најважно е да се одржува влагата и пластениците добро да се затворени. 

Инаку, во Струмичко од пластениците се очекува род од  над двесте илјади тони најразлично раноградинарско производство.

Ристо Тасев

 

Веста е прочитана 100 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.