Расте бројот на жртвите во пожарите во Калифорнија

15 October, 2017 - 09:02

Најмалку 40 лица загинаа, а околу 230 се водат како исчезнати во пожарите што веќе една недела беснеат во повеќе окрузи северно од градот Сан Франциско во америкианската сојузна држава Калифорнија. 

Најголемиот број од загинатите, дури 22, ги загубиле животите во округот Сонома. Властите стравуваат дека конечниот биланс на жртвите ќе биде многу поголем.

Поради пожарите, од своите домови се евакуирани околу 100.000 лица, од кои 3.000 во текот на вчерашниот ден од градот Санта Роза на 80 километри северно од Сан Франциско.

Огнената стихија досега уништи речиси 6.000 станбени и деловни објекти и зафати површина од над 865 километри квадратни.

Во гаснењето на пожарите, од кои 16 се поголеми, учествуваат околу 10.000 пожарникари со над 1.000 противпожарни возила, како и околу 70 авиони и хеликоптери. 

Властите соопштија дека на одредени места се изгаснати огнените пламени, но работата на пожарникарите е отежната поради силните ветрови кои достигнуваат брзина и до 72 километри на час. Се очекува во текот на денов ветровите да ослабнат, што би требало да ја олесни работата на пожарникарите.

- Ова е една од најголемите трагедии што ја доживеала Калифорнија кога и да било досега. Уништувањата се едноставно неверојатни. Никој не може да го замисли овој ужас, изјави синожа калифорнискиот гувернер Џери Браун при посетата на Санта Роза. 

Веста е прочитана 170 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.