Бројот на жртвите од бомбашкиот напад во Могадишу зголемен на 276, повредени 300 лица

16 October, 2017 - 09:11

Бројот на жртвите од саботниот напад со камион-бомба во Могадишу се зголеми на 276, а 300 се повредени, изјави сомалискиот министер за информации Абдирахман Осман.

Тоа е најсмртоносниот напад во историјата на Сомалија и се очекува бројот на жртвите да се зголеми.

Министерот Осман нападот го оквалификува како  „варварски“.

Сомалиската Влада за нападот ја обвини екстремистичката група Ал Шабаб, која се уште не се огласи.

Болниците се преполни со повредени по силната експлозија на камионот-бомба во преполната улица, во близина на повеќе згради на министерства.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш го осуди нападот и преку Твитер повика на „единство во соочувањето со тероризмот“.

Американскиот Стејт департмент нападот го нарече „безумен и кукавички“, притоа порачувајќи дека ја поддржува Сомалија во нејзината борба против екстремизмот.

Министерот за надворешни работи на Катар изјави дека во бомбашкиот напад е погодена и дипломатската мисија на неговата земја во Сомалија. 

Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани утрово на Твитер напиша дека „Катар поради нападот врз дипломатската мисија во Могадишу нема да отстапи од поддршката на демократијата, безбедноста и стабилноста на Сомалија“.

Тој не соопшти детали, ниту, пак, се знае дали меѓу жртвите има државјани на Катар.

Веста е прочитана 406 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.