Досега уапсени четворица, налог за претрес кај 15 лица во акцијата Агрокор

16 October, 2017 - 11:10

Хрватското државно обвинителство (ДОРХ), по повод претресот на становите на поранешните директори на Агрокор соопшти дека во тек се претреси и криминалистички истраги поради сомневање дека се извршени кривични дела против стопанството и фалсификување податоци, а која се спроведуваат во соработка со полицијата.

Тие соопштија дека од надлежниот Жупаниски суд добиле судски налози за спроведување истрага над 15 лица. „Нагласуваме дека ова постапување е продолжување на повеќемесечните истраги врз основа на проверени и потврдени факти, и почеток на опсежна истрага која опфаќа сложени деловни односи во деловен објект“, се наведува во соопштението на ДОРХ.

Во акцијата досега се уапсени четири лица и тоа поранешниот финансиски директор на Агрокор Иван Црњац, екс извршната копретседателка и десна рака на Ивица Тодориќ - Љерка Пуљиќ, поранешната членка на управата Пирушка Цањуга и поранешниот член на Надзорниот одбор Томислав Лучиќ.

Во овој момент се врши претрес на домот на Маријан Алагушиќ, советник во Агрокор и поранешен член на Надзорниот одбор на „Тисак“. Хрватските медиуми наведуваат дека се очекуваат нови апсења.

Хрватската политица утрово, во рамки на акцијата „Агрокор“, изврши претрес во „Кулмеровата палата“ во Загреб, сопственост на основачот на концернот „Агрокор“, Ивица Тодориќ.

Освен тоа, повеќе од 300 полицајци во моментов вршат претрес на повеќе од 60 локации. Со истрагата би можеле да бидат опфатени десетици лица поради сомнение за извршување повеќе кривични дела од сферата на стопснскиот криминал.

Принудниот управник за Агрокор, Анте Рамљак минатата недела најави дека поради неправилности поднел кривична пријава против одговорните лица во тој хрватски концерн.

Ревидираниот финансиски извештај за Агрокор Група и Агрокор д.д. покажа дека со години се прикажувала добивка, а компанијата работела со загуби, изразени во стотици милиони евра.

Веста е прочитана 835 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.