Апсењето на двајцата каталонски сепаратистички лидери за Пуџдемон е многу лоша вест

17 October, 2017 - 10:30

Каталонскиот премиер Карлес Пуџдемон изјави дека апсењето на двајцата каталонски сепаратистички лидери, по наредба на Врховниот суд на Шпанија, осомничени за антидржавна активност, е „многу лоша вест“. 

Пуџдемон го напиша тоа на Твитер, откако шпанскиот Врховен суд минатата ноќ нареди апсење на Жорди Куишарт и Жорди Санчес, против кои се води истрага за противдржавна дејност.

- Тие се обидуваат да ги затворат идеите, но тоа го зголемува стремежот за слобода, напиша Пуџдемон.

Претседателката на каталонскиот регионален парламент Карме Форкадел побара Куишарт и Санчес да се вратат дома, притоа истакнувајќи дека неоправдано се апсат мирни лидери.

По одлуката за притворот на Санчес и Куишарт, кои имаа клучна улога во подготовките и организацијата на референдумот за независност на Каталонија одржан на 1 октомври, кој властите во Мадрид го прогласија за противзаконски, во Барселона синоќа беа организирани протести во кои учесниците маршираа низ улиците.

Поради притворот на двајцата сепаратистички лидери за вечерва се најавени протести пред канцелариите на шпанските централни власти во повеќе каталонски градови.

Веста е прочитана 1083 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.