Исламската држава изгуби 90 отсто од територијата

18 October, 2017 - 09:59

Екстремистичката организација Исламска држава изгуби речиси 90 отсто од териториите што ги зазеде во 2014 година во Ирак и Сирија, соопшти Меѓународната коалиција предводена од САД, која се бори против екстремистите.

Соопштението на коалицијата, која изврши илјадници воздушни удари на екстремистички позиции и испрати специјални советници  на локалните сили ангажирани во борбите против екстремистите во Ирак и Сирија, објавено е на третата годишнина од нејзиното формирање и на денот кога Исламска држава е протерана од Рака, нејзиното поранешно упориште во Сирија.

- Заедничките напори на Коалицијата и нејзините сојузници овозможија да се вратат повеќе од 93.790 километри квадратни територија, што е повеќе од 87 отсто од територијата што Исламска држава ја зазеде во 2014, соопшти Меѓународната коалиција.

Во соопштението се наведува дека од 3.000 до 7.000 терористи се уште се борат во Ирак и Сирија.

Меѓународната коалиција е формирана во 2014 година на иницијатива на претходниот американски претседател Барак Обама. Тој тогаш одлучи да интервенира за да ги запре екстремистичките напади врз ирачкото малцинство Јазиди.

Коалицијата наведе дека обучила речиси 120.000 борци во Ирак и повеќе од 12.000 во Сирија.

Веста е прочитана 526 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.