Самит 100, Западен Балкан: Европа побрзо ќе не прими ако соработуваме, а не да си попречуваме

18 October, 2017 - 10:50

Да ги заборавиме грешките од минатото и историските недоразбирања, да не си попречуваме, туку да соработуваме, да изградиме добра инфраструктура и да ги урнеме законските и царинските бариери, но да не заборавиме и не тешките реформи. На ова денеска, на финишот на Самит 100, пред бизнисмените од Западен Балкан се обврзаа четворицата премиери, тврдејќи дека само така ќе се обезбеди подобра регионална соработка и повисок економски раст. Тоа, пак, ќе биде клучната порака пред Европската унија дека сме подготвени за интеграција.

Премиерот Заев порача дека политичарите треба да ја донесат Европа во регионот бидејќи ако приватниот сектор и бизнис заедницата одат напред, тоа ќе важи и за државите. Тој се согласува дека целиот регион многу долго чека, но рече дека Европа ќе не пушти кај себе тогаш кога нашиот животен стандард ќе биде барем приближно добар како нејзините граѓани.

Премиерот Заев нема проблем ако на еден од наредните Самит 100 бидат поканети бизисмени и премиери на Бугарија и на Грција.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека е добро што се почестите средби на балканските лидери се доживуваат како нешто нормално, и се одржуваат без медијација. Вели дека нашиот региопн има голем потенцијал за влез во ЕУ, но во минатото тој воопшто не бил искористе.

Европа бара и макроекономска стабилност, вели црногорскиот премиер Маркович, а како клучни реформи ги спомена, покрај инфраструктурата, и образованието и капацитетот на јавната администрација.

На потег се Владите во земјите од Западен Балкан, вели претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Звиздиќ, тие треба да создадат поволен амбиент.

„Задача на сите влади во регионот е креирање на поволен деловен амбиент за планско искористување на природните ресурси, за јакнење на домашните инвестиции и за создавање на поволен амбиент за странските инвеститори, така ќе ја подигнеме конкурентноста на домашните економ,ии и ќе го решиме клучниот економски проблем, а тоа е отворање на нови работни места“, рече Звиздиќ.

Земјите од регионот треба да настапат со заеднички проекти пред европските фондови. Од Европската унија вчера порачаа дека парите се на маса, но државите од Западен Балкан мора да покажат реформи, стабилност и предвидливст, за тие да се искористат за градење на подобра инфраструктура.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 467 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.