Што стои зад убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција?!

18 October, 2017 - 22:04

Што стои зад убиството на малтешката новинарка истржувач, Дафне Каруана Галиција, која беше разнесена во експлозијата на својот автомобил, атентат кој потсетува на мафијашките егзекуции?!

Постои една маршута, која тргнува од Либија, поминува низ Малта и завршува во Италија и која можеби е клучот за истрагата на свирепото убиство.

По оваа маршута се движи дрога, нафта, проституција, и пред се пари, многу пари. Парите се линфата на островот на богатството, затоа што Малта одамна е позната како главниот даночен рај на Европската Унија. А, новинарката Дафне истражуваше на сите овие теми и сигурно е убиена заради нејзините откритија. Оттука тргнува истрагата на европските служби, и ФБИ кој од утре пристига на островот. Што значи, клучот за истрагата се наоѓа на Малта, иако експлозивот и како е изведено убиството, потсетуваат на италијанската мафија.

„Тоа што и велам на полицијата е дека треба да се постави кон оваа истрага како да не постои утре. Ако постои некој во оваа земја, една единствена личност, која сака да се истера докрај правдата, покрај семејството, тогаш тоа сум јас“, изјави малтешкиот премиер Мускат.

Бара правда премиерот Мускат, една од главните мети на истрагите на Дафне поврзани со азербеџанските пералници пари на островот. Или пак истрага за сопругата на малтешкиот премиер и сметката од преку милион евра на Панама. Малта, даночниот рај кој за само 10 години, ги олеснил европските држави за 8,2 милијарди евра. Само во 2015, на фирмите им има вратено преку 2 милијарди евра во даноци, пари кои во други држави би морале да ги платат.

Но, тоа не е се, новинарката во последно време го менува фокусот на своите истраги. Се нафаќа и со наркотрговијата и проституцијата кои транзитираат низ островот, поврзувајќи ги со лица блиски до шефот на опозицијата Адриан Делиа. Или пак, шверцот на нафта, кој тргнува од Либија, се претура на руски танкери и се носи во Италија. Станува збор за бизниси и пералници на пари на италијанската мафија, сомалиските трговци со луѓе и командантите на Гедафи побегнати од Либија.

Со други зборови, новинарското истражување на Дафне создава непријатели насекаде, на малата Малта, но инволвирајќи го криминалот од цела Европа. Не е ни чудо што малтешката власт и опозиција си го подаваат жескиот костен за убиената Дафне. Додека беше жива, беше немисрдан кон сите, непоштедувајќи ги единствено фактите.

Комесарот на ЕУ за правда во име на Европа изрази сочуство и почит за новинарката.

„Се чувстувам блиска до тоа што таа го правеше затоа што јас сум одговорна за прашањата на перење на пари и борба против органзиран криминал, и исто така работиме на подобра и посилна заштита на свиркачите во ЕУ, заштитата на храбрите луѓе подготвени да пријават кога ќе откријат криминал“, изјави комесарката Вера Журова.

Предоцна. Во ЕУ се убиваат новинари за својата работа. Дафне, во својот последeн пост ќе напише: „Корумпираните се насекаде, состојбата е очајна“. Половина час подоцна, ќе биде убиена.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 2016 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.