Падот на Агрокор

20 October, 2017 - 21:58

Од разнесувач на цвеќе и садници со „фолцваген буба“, до сопственик на најголемата бизнис империја на Балканот и вистински дворец во Загреб. Падот на Агрокор го распали интересот за повлечениот Ивица Тодориќ. Како младиот цвеќар стана сопственик на империја чие портфолио вклучува компании во речиси сите познати сектори и државен пријател број еден.

„Тотална нула. Дури ни моето семејство немаше, туку позајмувавме пари за да се обидеме да оствариме некоја наша цел.“

Земјоделство, дистрибуција, малопродажба, печатарство, енергетика, здравство се само дел од нив, може да се каже дека Тодориќ влезе во секој сектор што му падна на памет.

Агрокор е неговиот најуспешен бренд, врз чиј грб ја изгради целата империја и лично богатство кое вклучува сопствен остров, ловиште, приватна плажа, хеликоптер и повеќе вили. Бренд кој сега е презадолжен и чиј пад ќе ја урнее таа иста империја.

„Мислам дека имаме одлични резултати, сите се изненадени. Секогаш не фалат, но ние сакаме повеќе.“

Син на еден од водечките функционери во социјалистичка Хрватска, неговиот татко Анте Тодориќ беше генерален директор на хрватскиот Агрокомбинат, пратеник и претседател на парламентарната комисија за земјоделство. Но постариот Тодориќ во 1971 година заврши во затвор, поради проневера. Шест години подоцна Ивица ќе го започне својот прв бизнис, со цвеќе.

„Ги виткавме во весници, но кога добив конкуренција морав да пакувам во некакви најлони, кутии, па да ги редам, разбирате.“

Од таму ќе започне со увоз и извоз на житарици, овошје и зеленчук за во 1989 години да го основа Агрокор. Компанијата својот најголем бум го доживува за време на „Татковинската војна“. Тогаш ги гради и политичките врски, кои ќе му помогнат, по осамостојувањето да го добие тендерот за купување на државната резерви во пченица. Хрватската јавност ќе дознае за Тодориќ во т.н „Пченична афера“ во која е обвинет за продавање пченица за државните резерви по сомнителни цени.

„Се знае точно колку пченица има преземено Агрокор, точно во килограми, каде Агрокор ја има преземено и колку ја платил и се глада дали таа пченица е извезена.“

„Пченичната афера“ не го запира Тодориќ. За неколку години купува многу компании, меѓу кои и најзвучната, Униконзум, трговски ланец со преку 250 продажни места во Загреб. Тодориќ тврди дека целиот успех е само негов.

„Никој ни нема помогнато од било кое министерство, никогаш не ми помогнал некој од владата, никој не ми помогнал од високата политика.“

Но, државната гаранција во вредност од 31 милион евра, во 1999 година му го трасира патот кон регионално ширење. Следи купување компании на дури 11 компании во Србија, Босна и Херцеговина и Унгарија. Сите преземања и инвестиции се финансираат од скапи и ризични кредити, но Агрокор е гигант и лесно ги добива. За тоа сведочи и последното големо презимање, купувањето на Меркатор во 2014 година, фиансирано со кредит од руската Сбербанк во висина од 600 милиони евра.

Тодориќ не штедеше пари и во купувањето на познатиот Кулмеров дворец, во зелениот појас над Загреб, реплика на познатиот дворец уништен во пожар пред крајот на втората светска војна и чиј претходен сопственик бил највлијателниот хрватски сликар Фердинанд Кулмер. Самото купување на дворецот и неговото реновирање е сомнително, затоа што имотот е во сопственост на градот Загреб и се води како културно наследство. Но, Тодориќ го добива под услов да го реновира и дел од имотот да го направи отворен за јавноста. Тодориќ таму наводно гради хотел но никогаш не го отвара.

„Објектот пред кој стоите е во приватна сопственост, со оглед на тоа што за хотел треба да се направи кетегоризација, постапката е во тек, хотелот се уште не е во функција, не е отворен и не работи.“

Преземањето и реновирањето на дворецот е финансирано со кредит од над 30 милиони евра од Хипо Алпе Адрија, земен токму преку Агрокор. Внатрешноста на реновираниот дворец несакајќи ја откри дизајнерот Стивен Рајан, кога објави фотографии од дворец на кој работел во Хрватска.

Луксузот во кој живеел Тодориќ и неговото семејство е неверојатен, но и веројатно една од главните причини кои го одведе Агрокор во пропаст. Луксузот и неговата ненаситност во ширењето на бизнисот, ширење кое беше во склад со неговата бизнис девиза дека бизнис не се започнува со свои пари, туку со туѓи.

На истрагата се уште не и се гледа крајот и во неа ќе мора да се појават високи политички функционери, поранешни и сегашни, затоа што Тодориќ и Агрокор од речиси сите хрватски влади добивал или кредити или подршка, а многу од тие политичари или од Агрокор заминаа во владата или од владата се сместија токму во Агрокор.

Игор Трајков

Веста е прочитана 3292 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.