Јамајка коалицијата е последна шанса за Меркел

20 October, 2017 - 22:04

Во Германија денеска и официјално започнаа преговорите за формирање на новата влада, речиси еден месец по завршувањето на изборите. Канцеларката Ангела Меркел се надева на компромис, по што би го добила четвртиот мандат за водење на владата. Но, неизвесноста е голема, пред сѐ поради големите разлики меѓу потенцијалните коалициски партнери, а со тоа и политичката иднина на Меркел. Борис Георгиевски од македонската редакција на ДВ со деталите.

Јамајка коалицијата е последна шанса за Меркел, напиша денеска угледниот бизнис весник Ханделсблат, во пресрет на почетокот на првата рунда преговори за новата владина коалиција во Германија. Звучи драматично, некому можеби и претерано, но по 12 години на чело на владата, Ангела Меркел навистина се соочува со најкритичниот период од нејзиното владеење. Од една страна е подемот на радикалната АФД која веќе влезе во парламентот, од друга, опасноста од центрифугалните сили во нејзината партија кои би можеле да излезат од контрола.

Минатиот месец на парламентарните избори, ЦДУ на Меркел го забележа најлошиот резултат во својата историја. Во меѓувреме, угледот на партијата продолжува да тоне. Минатиот викенд демохристијаните загубија на покраинските избори во Долна Саксонија, а ден подоцна нивниот премиер во источната држава Саксонија поднесе оставка.

Успехот на коалициските преговори, според аналитичарите, сега е да се биде или не за 63-годишната канцеларка. А задачата не е воопшто едноставна. Трите партии кои треба да ја сочинуваат новата коалиција: демохристијаните, либералите и зелените се оддалечени едни од други, како што неодамна рече генералната секретарка на Либералите Никола Беер, колку што е Јамајка оддалечена од Германија. На патот долг 8.500 километри, денеска ќе биде направен првиот чекор. Најпрво ќе се разговара за даночната и буџетската политика, теми за кои се очекува најлесно да се најде заеднички јазик. Тешките прашања како бегалците, заштитата на животната околина, дизел возилата, социјалната заштита и редица други, ќе бидат оставени за крај.

Трипартитната коалиција која го носи името Јамајка, поради тоа што боите на трите партии - црната, жолтата и зелената се исти како јамајканското национално знаме - досега не е тестирана на национално ниво.

Анкетите покажуваат дека 83 проценти од Германците посакуваат партиите да постигнат компромис. Доколку партиите сепак не успеат да се договорат, Меркел би можела да се обиде да формира малцинска влада, или да свика вонредни избори- сценарио без преседан во повоена Германија.
Последната алтернатива е повторно да направи коалиција со СПД. Социјалдемократите веќе најавија дека следните четири сакаат да ги минат во опозиција, но би можеле и да се предомислат. Доколку Меркел се повлече, како што деновиве изјави високиот партиски функционер Томас Оперман.

Борис Георгиевски

Веста е прочитана 1389 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.