Каталонија нема да прифати одземање на управувањето

22 October, 2017 - 14:31

Државен удар, враќање на франковата диктатура, политички потези од 18 век, се само дел од реакциите на каталонците откако вчера шпанската влада објави дека го активира членот 155 од уставот. Каталонија нема да го прифати планот на Мадрид за преземање на управувањето, категоричен е Пуџдемон.

„Шпанската влада со подршка од Социјалистичката партија и Граѓанската партија го презема најлошиот напад врз институциите и народот на Каталонија од времето на декретите на воениот диктатор Франциско Франко“, обвини Пуџдемон.

Според регионалната полиција, на синоќешните протести во Барселона, на улиците излегле повеќе од 450.000 лица. Протестите беа организирани поради апсењето на двајцата водечки активисти за независност на Каталонија, Жорди Куиксарт и Жорди Санчез, но поголемиот дел од демонстрантите протестираа против потегот на шпанската влада.

„Не знаат што направија активирајќи го членот 155. Тоа е самоубиство, затоа што можете да видите како повеќе милиони луѓе ја бранат независноста на Каталонија“, вели подржувачката за каталонска независност Бела Роа.

Иако се очекуваше Мадрид да го активира уставниот член кој му дозволува преземање на одговорностите на регионалните влади во период на криза, сепак постоеше одреден степен на неизвесност поради потенцијалниот опсег и значење на предложените мерки. Рахој инсистира дека целта на централната влада не е суспендирање на каталонската автономија, туку отстранување од функција на политичарите кои ја предизвикаа оваа криза. Мерките предвидуваат ингеренциите на регионалните власти да преминат кај владата во Мадрид, но парламентот нема да биде распуштен се до одржувањето на предвремени избори. Исто така како опции се спомнуваат и презимањето на контролата врз регионалната полиција и јавниот радиодифузен сервис.

„Претседателот Рахој, со огромна политичка неодговорност ги помина сите граници. Тој всушност прогласи државен удар, со цел соборување демократски избрана влада“, оцени претседателката на каталонскиот Парламент, Карме Фаркадел.

Референдумот кој се одржа на 1 октомври, од шпанскиот уставен суд беше прогласен за незаконски, беше бојкотиран од каталонските политички партии кои се против прогласување независност поради што излезноста беше одвај 43 проценти. Властите сепак го одржаа референдумот а Пуџдемон потпиша декларација за независност но веднаш ја суспендираше, за потоа да ги пробие двата рока кои Мадрид му ги даде за да ја појасни каталонската позиција.

Игор Трајков

Веста е прочитана 888 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.