Каталонците нема да прифатат директно управување од Мадрид

23 October, 2017 - 15:39

Каталонија нема да се потчини на наредбите од Мадрид ако централната влада се обиде да воспостави контрола во регионот, тврди министерот за надворешни работи Раул Ромева. Шпанската влада активирајќи го членот 155 побара отстранување на регионалните власти, презимање на контролата врз регионалната полиција и јавниот радиодифузен сервис. Шпанскиот Сенат во петок ќе одржи седница на која се очекува да ги подржи владините предлози, меѓу кои е и одржувањето предвремени избори во Каталонија.

„Дали г-динот Рахој мисли дека наредбата за избори во Каталонија, игнорирањето на Уставот и Статутот ќе реши нешто? Што ќе се случи по изборите во автономен регион наредени од Рахој? Дали ќе испрати во затвор 3 милиони луѓе што гласаа за независност, дали ќе тргне по сите нив? Тој го направи најлошиот можен избор“, вели Луис Короминас од сецесионистичката алијанса „Заедно за да“.

Каталонија очекува Мадрид да прифати дека каталонците гласале за независност, продолжи Ромева. Но референдумот беше прогласен за неуставен и беше бојкотиран од унионистичките партии, кои се против независноста.

„Ако членот 155 биде конечно одобрен од Сенатот, тоа не значи крај на автономијата на Каталонија. Значи, како што реков, гаранција дека автономијата може да продолжи и да се избегне она што во моментов се случува, а тоа е разнесување на владеењето на правото на самоуправување на Каталонската влада, која е на власт во моментов“, вели портпаролот на Народната партија Касавиер Гарсија Албиолс.

Еден ден пред седницата на шпанскиот Сенат, каталонскиот Парламент ќе расправа за одговорот на регионот. Дел од сецесионистичките партии и движења го повикаа претседателот Пуџдемон веднаш да прогласи независност, додека други побараа од него да распише предвремени избори.

Според шпанскиот устав, со активирањето на членот 155, престанува да важи авторитетот на регионалната влада и нејзините одлуки од тој момент се сметаат за нелегитимни. 

Игор Трајков

Веста е прочитана 1060 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.