Волфганг Шојбле избран за претседател на германскиот Бундестаг

24 October, 2017 - 13:39

Пратениците во новиот германски Бундестаг денеска го избраа досегашниот министер за финансии Волфганг Шојбле за нов парламентарен претседател.

Водечкиот политичар од конзервативната демо-христијанска партија ЦДУ доби 501 глас „за“, додека 173 членови од Бундестагот гласаа против. Првпат избран во германскиот Парламент во 1972 година, тој е пратеник со најдолг стаж и има исклучително влијание во ЦДУ и во германската политика воопшто.

Во изминатите години Шојбле беше препознатлив по предводењето на германскиот одговор на европската финансиска криза. Вработените во Министерството за финансии се простија од него така што застанаа во голем круг пред зградата, формирајќи ја бројката нула (0), во чест на неговата заложба Германија да има нулта (0) проценти дефицит за време на неговиот мандат.

Во Бундестагот Шојбле ќе има обврска да се справи со превирањата кои се очекуваат по влезот на националистичката партија АфД, како и со преговорите за состав на новата коалициска Влада, во која се очекува да отсуствуваат социјал-демократите. 

Веста е прочитана 221 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.