ЗАБРАНАТА ЗА ПАЛЕЊЕ СТРНИШТА ГО НАМНОЖИ ШТЕТНИКОТ ЗАБРУС

20 April, 2014 - 16:55

Штетникот Забрус им го јаде лебот на кумановчани. Овој инсект до сега уништи 30 насто од посевите со пченица во кумановскиот регион, посочуваат агрономите. Палејќи стрништа се справувавме со штетникот , но сега кога е тоа забрането заради заштита од пожари,  повторно ни го уништува житото, вели Милорад Анѓелковиќ од селото Табановце земјоделски инжинер и одгледувач на пченица.

 

Земјоделецот Милорад Анѓелковиќ вели дека е проблем тоа што е забрането палењето стрништа. Јас сум со години земјоделец и знам дека со палењето ги уништувавме и штетниците, вели Анѓелковиќ. 

Токму заради забраната за палење стрништа ни се случуваат пожари, посочува Анѓелковиќ и додава,  за да се заштитат од штетници луѓето ризикуваат да бидат казнети, ги палат стрништата и бргу бегаат, а огнот се остава без контрола. Земјоделците бараат да биде повторно легален традиционалниот начин на справување со штетници бидејќи Забрусот им создал дополнителни проблеми покрај редица  други заради кои одгледувачите на житни култури не можат повеќе да опстанат.

 

-Трошоците и приходите не можеме никако да ги поклопиме, горивото е скапо, семенскиот материјал исто така, услугите се многу скапи а денеска на оваа време веројатно се знае како да се направи калкулација колку би требало да биде житото, колку пченката и другите култури. На тоа мислам дека никој не обрнува внимание, вели тој.

 

Вложуваме две пензии, и мојата и на сопругата но не можеме да си ги вратиме средствата , а да не се пензиите не можеме ниту да го одржуваме земјиштето, вели овој земјоделец. Тој не користи субвенции од државата бидејќи, како што рече, губи многу денови за поднесување документи, процедурите се комплицирани и на крај пак субвенциите доцнат со месеци. Анѓелковиќ апелира  до надлежните, конечно да почнат да се занимаваат  со реалните проблеми на земјоделецот.

Фросина Лазаревска

Веста е прочитана 140 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.