Се наѕираат контурите на даночните реформи

25 October, 2017 - 18:57

Полека но сигурно се наѕираат контурите на даночните реформи. Владата и даночните експерти со недели прават анализи и разгледуваат опции со кои преку зголемување на дел од даноците ќе се покрие хроничниот недостиг на пари и ќе се покријат натрупаните долгови. Експертите велат дека во игра се неколку варијанти за умерено зголемување на даночниот товар и тоа со евентуално воведување прогресивен персонален данок на доход и тргање на горниот лимит за плаќање на социјалните придонеси од плата.

Се анализираат ефектите и придобивките од евентуално зголемување на персоналниот данок на доход на 18 %  за повисоките износи на приходи и непроменета стапка од 10%  за пониските.Втората опција се однесува на плаќање социјални придонеси на целата плата без оглед на нејзината висина, кажа даночениот советник, Павле Гацов.

Социјалните придонеси од 27 % сега се плаќаат на нето плата која изнесува до 260 000 денари месечно. Тие кои што земаат повисоки плати од тоа, плаќаат само пероснален данок но не и придонеси.

Од Министерството за финансии ги отфрлија како шпекулации информациите дека се подготвуваат даночни реформи кои ќе се однесуваат на зголемување на данокот на додадена врендост за 2-3 %.

„Стапката на ДДВ нема да се менува.Tакво нешто не е предвидено ниту во програмата на Владата. До крајот на годината ќе се отвори јавна дебата за еветнуално воведување на погресивна стапка на персонален данок на доход .Сите промени ќе се носат транспарентно и со вклученост на јавноста“, соопштија од Министерство за финансии.

Даночниците се согласуваат дека било какви промени во даноците се многу непопуларни, но се неопходни, велат тие но клучната дилема  според нив сега е кое решение од кога да се примени, дали од следната фискална година или евентуалните корекции да се остават за 2019 година. Симулација на организацијата „Фајненс тинк“ покажа дека ефектите од потенцијалното прогресивно оданочување врз буџетот би се движеле мегу 30 и 37 милиони евра што претставува 10, 8% од вкупно прибраниот персонален данок на доход. Притоа според аналитичарите не е земен предвид ефектот од даночна евазија односно криење на приходите.

Виолета З Стојановска

Веста е прочитана 4455 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.