Нова ера за Кина или зацврстување на власта на Си Џинпинг?

25 October, 2017 - 21:37

Конгресите на кинеската комунистичка партија, вообичаено се лишени од интересни моменти, гледано од западна перспектива. Интересот на западните медиуми во покривањето на конгресите се сведува на откривање на показателите за идниот лидер на партијата и државата. Но последниот конгрес навестува на големи промени, како во внатрешната политика и економски развој, така и во надворешната, каде најзасегнати пред се, се Хонгконг и Тајван.

За одредени промени во насоката, кои подоцна се покажаа речиси драстични, навести и самиот лидер, Си Џинпинг, на отварањето на конгресот.

„Сегашните околности и внатре во државата и надвор поминуваат низ длабока и комплицирана промена, развојот на нашата држава е се уште во стратешки важен период. Сите другари во партијата мора да се издигнат и да погледнат подалеку, во мир да бидат подготвени за опасност, да се осмелат на промена, да се осмелат на иновативност, никогаш да не станат ригидни, да не застанат, обединете ги и водете ги сите луѓе, од сите националности во Кина, за да се изгради здраво општество, да се борите и да освоите голема победа за социјализмот со кинески карактеристики во нова ера“, кажа Си Џинпинг – Претседател на НР Кина.

Од таа изјава произлезе кованицата „новата ера на Си“, која пак на последниот ден од конгресот беше инкорпорирана во кинескиот устав. „Мислата на Си“ како што беше наречена од конгресот, делегатите едногласно ја изгласаа.

„Ќе работиме напорно за да ги имплементираме инструкциите на Генералниот секретар и одредбите на партискиот конгрес за да го оствариме сонот за големото подмладување“, кажа Џин Зефу – делегат на 19-от национален конгрес на ККП.

Со овој потег на конгресот, Си Џинпинг се израмни со Мао Цетунг, и додека Кинезите го поздравуваат неговиот нов концепт, остатокот од светот гледа со поинакви очи. Џинпинг незимерно ја зголеми својата контрола врз партијата и државата, и неговото влијание ќе биде далеку потрајно од петте години кои ги доби со реизборот.

„Кинезите сфаќаат дека придонесот на Мао и Денг е далеку поголем од сегашносто водство, кое е на власт само пет години. Вистинскиот предизвик е како ќе го пополнат идеолошкиот вакум“, смета Џозеф Ченг – аналитичар.

Тој вакум комунистичката партија ќе се обиде да го пополни уште во најраната возраст ставајќи го во образовната програма, додека се поспособната контролна машинерија го „лови“ секој повик, секоја порака, секое лице, секој статус на интернет и секој клик. Способност која од сега ќе се користи за ширење на кинеското влијание во светот, откако Џинпинг порача дека Кинезите треба да изградат општество кое ќе понуди алтернатива за другите народи.

„Остварувањето на целосно и ригорозно управување со партијата е пат кој нема крај. Никогаш не треба да помислиме да земеме воздишка, да ги забавиме нашите чекори, наместо тоа мораме да продолжиме да го отстраниме вирусот кој го нагризува нашето партиско јадро“, истакна Си Џинпинг – Претседател на НР Кина.

Повеќе од еден милион функционери беа казнети, на еден или на друг начин, во неговата борба против вирусот. За кинеските медиуми тоа е борба против корупцијата, но за западните, партиска чистка и борба против можните конкуренти. Новата постава на Постојаниот комитет на Политбирото е потврда за ова, меѓу новите членови нема ниту еден помлад функционер, кој ќе го наследи Џинпинг по завршувањето на неговиот втор петгодишен мандат, што претставува отстапување од досегашната пракса.

„Во новиот Постојан комитет на Политбирото е доминиран, пред се од Си Џинпинг самиот. Тој не е прв меѓу еднаквите, тој навистина е број еден во партијата, број еден во државата“, смета Жан Пјер Кабестан – политички аналитичар.

Патот до врвната моќ на Џинпинг бил навистина трнлив, што можеби делумно го објаснува неговиот порив за целосна контрола. Син на комунистички херој од граѓанската војна, кој исто така бил и меѓу првите жртви на првата чистка на Мао Цетунг за време на Културната револуција. Од привилигираниот живот како дел од „црвените принцови“и растењето со децата на првата генерација комунистички револуционери во ексклузивните станбени комплекси во Пекинг, по чистката Џинпинг завршил на земјоделските полиња во внатрешноста на Кина. Сега Си Џинпинг ја има истата моќ како и Цетунг, врз партијата и државата.

Кина навистина е на крстопат, нејзината иднина е несигурна, затоа што после повеќе години економскиот раст забавува, а долгот се зголемува. Само времето ќе покаже дали реформите на Џинпинг и неговиот концепт се вистинскиот пат кон успехот.

Игор Трајков

Веста е прочитана 723 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.