Ципрас во САД не обезбеди никакво подобрување на геостратешката позиција на Грција

26 October, 2017 - 11:09

Грчкиот премиер Алексис Ципрас освен неколку убави фотографии, од САД не донесе никакво зацврстување на геостратешката улога и позиција на Грција, изјави претседателот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис говорејќи пред пратеничката група на неговата партија.

Осврнувајќи се на неодамнешното патување на грчкиот премиер во САД и средбите во Вашингтон и Чикаго, Мицотакис упати остри критики на сметка на Ципрас и во однос на внатрешната и надворешната политика.

- Неодамнешното патување на премиерот во САД беше голема можност за да се зацврсти меѓународната улога на земјата и да се промовираат суштински и ефективно нашите национални интереси. За жал оваа можност пропадна, рече Мицотакис.

Лидерот на Нова демократија, кусо пред средбата на Ципрас со американскиот претседател Доналд Трамп, побара премиерот од Вашингтон да добие конкретни заложби за грчките национални прашања, како што се односите со Турција, кипарскиот проблем и спорот околу името со Македонија.

Истите цели, Мицотакис повторно ги спомена и пред пратениците на неговата партија.

- Што направи господин Ципрас, за срѕо ова? Во суштина ништо. Со исклучок на неколку убави фотографии. Само неколку очекувани зборови со дипломатска учтивост, какви што секогаш се кажуваат. Во Вашингтон, во суштина не беше донесена никаква реална одлука која ќе ја зацврсти геостратешката улога на Грција во регионот, рече Мицотакис.

Во однос на внатрешната политика на Владата на Ципрас, лидерот на опозицијата рече дека грчкиот премиер нема никаков план за земјата, дека неговиот Кабиен е целосно неподготвен и дека тој има само една агонија - како да остане на власт.

Според Мицотакис, граѓаните во Грција бараат промена на политичката сцена и сакаат што побргу да си замине Владата на СИРИЗА и Независни Грци.

Веста е прочитана 220 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.