Капиталните инвестиции пак потфрлија, има ли проблем со нив и новата Влада?

26 October, 2017 - 15:55

И оди ли на новата Влада тешко со капиталните инвестиции? За дури 9 месеци од годинава таа успеала да потроши само половина од предвидената сума, покажуваат податоците на Министерството за финансии, иако требаше да бидат реализирани 75 проценти. Или, државата во инфраструктура за 9 месеци вложила 178 милиони евра, а до крајот на годината планот е 380 милиони.

Експертите сметаат дека потфрлањето на капиталните расходи не треба да и се припишува како проблем на новата власт. Во првата половина од годинава, вели професорот Петрески, техничката Влада не им даваше значаен поттик на капиталните инвестиции, а забави и изградбата на автопатиштата.

„Вториот аспект е дека капиталните инвестиции беа проектирани мошне високо од претходната Влада, а со ребалансот не се скрати доволно, претпоставувам дека тоа беше од причина што новата Влада не сакаше да биде напаѓана дека врши драстично кратење на капиталните инвестиции, иако и тогаш беше јасно дека оваа година е пропадната за капиталните инвестиции“, вели Петрески.

Тој сугерира дека практиката капиталните инвестиции прво да се планираат на огромен износ, а потоа да потфрлаат, мора да се промени, новата Влада мора да знае што и колку ќе гради во следните 5 до 10 години. 

За 9 месеци Владата потрошила вкупно 2,3 милијарди евра буџетски пари, што е за близу 5 отсто помалку од планот. Кај трошоците за стоки и услуги има потфрлање за близу 15 проценти.

„Значајно намалување на трошењето за стоки и услуги, што е на линија на намерите на Владата да ги скрати непродуктивните трошења, значи во тој дел Владата се однесува коректно, останува да видиме како ќе биде со новиот буџет за слчедната година“, вели Петрески.

За 9 месеци во буџетот се собрани вкупни приходи од 2,12 милијарди евра, што е помала реализација за 4 проценти. Даноците донеле два отсто помалку пари од планираното за овој период. Потфрлање има кај персоналниот данок за 4 и кај ДДВ за околу 2 и пол отсто. Данокот на добивка, пак, бил подобар, донел за околу 3 отсто повеќе пари. Експертите сметаат дека полнењето на буџетот е коректно, до крајот на годината приходите ќе го остварат планот.

Значајно помалку средства се собрани од административни такси и глоби, за 15 отсто,  значи ли ова дека во изборниот период помалку се казнуваа фирмите и граѓаните?

И буџетскиот дефицит потфрлил, за 9 месеци се остварени 60 отсто од планот за цела година. Или, државата за 9 месеци е во минус од околу 180 милиони евра. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1112 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.