Трамп се предомисли за целосното објавување на документите за убиството на Кенеди

27 October, 2017 - 09:11

Американскиот претседател Доналд Трамп дозволи објавување на 2.891 документи поврзани со атентатот на претседателот Џон Кенеди во 1963 година, но нареди над 200 документи од обемното досие да бидат зачувани како државна тајна поради безбедносни причини.

Според првичната најава, се очекуваше сите 3.100 документи да бидат објавени вчера, а Трамп навести дека во иднина може да ја смени оваа одлука и да ги објави сите документи.

- Јавноста заслужува да знае што е можно повеќе за атентатот. Извршни одделенија и агенции ми предложија одредени документи да бидат редактирани во интерес на националната безбедност, како и од надворешно-политички причини. Немам друг избор денеска освен да го прифатам ова редактирање за да спречам да и биде нанесена непоправлива штета на нашата национална безбедност, соопшти претседателот Трамп по задржувањето на дел од документите како државна тајна.

Викиликс на ова реагираше нудејќи 100.000 долари награда за објавување на овие преостанати документи.

Илјадници новинари, историчари и обични граѓани од вчера систематски ги пребаруваат документите кои се јавно достапни на интернет станицата на Националниот архив на САД (www.archives.gov). Некои од првичните сознанија укажуваат дека убиецот на Кенеди, Ли Харви Освалд, бил под истрага на ФБИ, но под истрага бил и Џек Руби, кој го застрела Освалд два дена по атентатот, и со тоа спречи потемелна истрага.

Според објавените документи, ФБИ ја истражувало левичарската организација за поддршка на Куба, во која Освалд бил активен. Поврзувањето на Освалд со Куба, и неговото патување во Советскиот Сојуз отвори сомнеж дека СССР бил вмешан во атентатот. 

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова вчера изјави дека обидите за поврзување на Русија со атентатот на Џон Кенеди се „дивјачки инсинуации", кои предизвикуваат „шок".

- Со децении информацијата беше со назнака доверливо... Ако дури и околу оваа тема почнуваат да се прават дивјачки инсинуации во контекст на Руската Федерација, може само да се жали за тоа, затоа што ние сакаме информации, а не дезинформации, изјави таа.

Документите содржат информации од тогашниот Советски Сојуз, во кои се наведува дека убиството на Кенеди било примено со шок и дека било наредено ѕвонење на ѕвоната на црквите низ Русија во негова чест. Имајќи ја предвид затегнатата состојба меѓу САД и СССР, кои претходната година беа соочени со кубанската нуклеарна криза, некои во советското раководство сметале дека атентатот е дело на американски генерали, кои сакале војна со СССР. Во еден од документите е наведено дека кубанскиот водач Фидел Кастро се сретнал со конгресмени кои го истражувале атентатот во 1978 година и негирал вмешаност на кубанското разузнавање.

Во досиеата има информации и за дивиот живот на претседателот Кенеди, забавите кои ги водел со Френк Синатра, Семи Дејвис Џуниор и стриптизети.

Веста е прочитана 441 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.