Мадрид ја презема власта во Каталонија - разрешен шефот на полицијата

28 October, 2017 - 15:55

Барселона се освестува после вчерашната унилатерална прокламација на независност и прогласувањето на Република, која беше угасена во зародиш.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој директно го презеде претседателството врз Каталонија, делегирајќи го на својот заменик, вицепремиерката Сораја Саенц де Сантамариа, а на неговите министри им се распределени останатите компететности од веќе расуштената каталонска влада.

Разрешен е мајорот Хозе Луис Траперо, шефот на регионалната полиција Мосос д’Есквадра.

Оперативниот командир на каталонската полиција е сменет во рамки на мерките кои Мадрид вчера вечерта почна да ги спроведува: смена на каталонската Влада, преземање на управувањето над Каталонија и распишување на нови избори на 21 декември.

Постапките на Мадрид како да не го загрижуваат каталонскиот министер Жозеп Рул, кој преку твитер ќе порача: продолжуваме напред. Но, напред нема каде, според шпанските медиуми, веќе отстранетиот претседател Пуџдемон на вчерашната седница издал наредба, мирно и без отпор да се предаде каталонската Влада, Ла Генералидад.

Граѓаните на Барселона со измешани чувства, помеѓу резигнација, револт и општа неизвесност за иднината.

„Видов малку тензија како што денот се развиваше. Многу луѓе се за независност и многу други се против. Но, мора да ја прифатиме реалноста и да видиме како ќе се развива. Нема што друго“.

„Многу тага. Утрово бев во воз и имаше дечко, сепратист, кој се дереше и навредуваше. Беше така млад и предизвика таква тага кај мене зошто сме толку поделени“.

„Досега се чувствувам добро. Мислам дека каталонската Влада дејствуваше како што треба. Во целост не се согласувам со тоа како централната Влада се соочува со нештата. Не знам како работите ќе се равијат на крај, но досега имам добри чувства“.

 Со падот на каталонската Влада во оставка се преку 150 функционери. Покрај Пуџдемон и неговите најблиски соработници, отпуштени се сите советници и министерски раководители, како и персоналот во странските амбасади.

Многу е веројатно Пуџдемон да биде уапсен во понеделник, пишува каталонскиот весник Ара. Тогаш се очекува Шпанското обвинителство да поднесе тужба против каталонската Влада до шпанскиот Врховен суд, по основ - бунт против државата!

Во меѓувреме во Мадрид се одржува марш на унионистите, повикани од Фондацијата за национална одбрана, каде многумина се појавија со развиорената „рохигуалда“, црвено-златното знаме на Шпанија.

„Како Шпанка би сакала сите да останаме обединети, затоа што има многу луѓе во Каталонија кои не сакаат независност и на тој начин им се наштетува и не сакам тие луѓе да се чувствувата оштетени“.

„Мислам дека независноста е екстремна позиција, имајќи во предвид дека никогаш не било предоминантно чувство низ историјата. А, сега е заради многу прецизни околности кои скоро се случија“.

Но, како ќе се развива понатаму каталонската криза, кои се можните сценарија?!

Најлошото сценарио кое засега не делува дека ќе се случи, е да дојде до вооружен судир меѓу регионалната и националната полиција. Најмалку 600 припадници на каталонската полиција припаѓаат на движењето за независност и се заколнати на верност кон каталонската Влада. Евентуалното нивно одбивање наредби може да доведе до ескалација и интервенција на војската.

Најверојатно е сценариото на народен бунт, општи протести, штрајкови, граѓанска непослушност, живи штитови околу каталонските институции. Веќе видовме на денот на референдумот, какви слики на ужас и насилство се случувата при судир на граѓани и полиција.

Креирањето еден вид на град - држава. 700 од вкупно 947 каталонски комунални градоначалници ја поддржуваат Републиката. Тие се и финансискиот р’бет на независноста. Би можеле да бидеме сведоци на народна и комунална власт против „режимот на Борбоните“ во Мадрид.

Се разбира, можно сценарио е и предавањето. Мирно предавање на власта, благ отпор од преку 200 илјади административци кој Мадрид би го толерира, во надеж дека до 21 декември, денот на изборите, ќе ги ослабне сецесионистите.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 2519 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.