Борејќи се за фотељите, ги заборавија ли синдикалците работничките права?

28 October, 2017 - 16:03

Превирањата во најголемиот и најмоќен Синдикат не запираат ни за време на викенд. Нови обвинувања и контраобвинувања од врвните синдикалци, откако пред неполни три месеци здружено го сменија екс лидерот Живко Митревски од првата синдикална фотеља и се заколнаа на бескомпромисна битка за работничките права.

Првиот човек на УПОЗ, Пецо Грујовски, денеска во писмена реакција, за вчерашните наводи на Ајтов, близок до в.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски, вели дека се невистинити. Грујовски тврди дека не е точно оти не ги исполнува критериумите за кандидат за претседател на ССМ, а за борбата на Ајтов, вели дека е од лична корист.

За Ајтов нагласува дека како претседател на Синдикатот од одбраната бил поставен и за директор на СИН-АГ, агенција на ССМ која стопанисува со имотот, што е своевиден преседан.

„Тврдам дека мојата борба е исклучиво синдикална, затоа што синдикалното движење во Македонија последниве години сериозно е нападнато од неодговорни поединци кои дозволија да се изродат синдикални профитери и мешетари“, вели Грујовски.

Ајтов возврати, вели кој губи, има право да се лути. Тврди дека не е незаконски тој да биде и управител на СИН-АГ и претседател на Синдикатот на одбрана. На прашањето, пак, зошто и по три месеци, јавноста од новото раководство на ССМ не виде ни едно барање за работнички права, одговара дека целата енергија сега е насочена кон организирање на конгресот, кој ќе се одржи на 11 ноември. Не сакале и за време на изборите да им се залепат политички етикети.

„Раководството на ССМ предводено од Дарко Димовски останува на ставот дека доследно ќе се бори за правата на работниците во Македонија, а ќе се обидеме борбата да ја прошириме и во фабриките каде што не постојат синдикати“, вели Ајтов.

Експертите сметаат дека во активистички организации какви што се синдикатите, нормално е да има и битки и пресметки, но тие не треба да бидат само за фотељи.

„Би било пожелно ако тие битки се за работнички права и за различни визии околу борбата за социјална правда, но за жал, иако синдикатите кај нас имаат огромни ресурси и располагаат со милионски суми, единствената нивна видливост во општеството е кога настануваат борбите за превласт, и за фотељи, а со самото тоа и за привилегии и блискост до власта. Многу е жално тоа што се случува, и ова е грда слика која може да ги обесхрабри работниците да се борат за своите права“, вели Шошовски.

Тој нагласува дека целото синдикално движење, кај нас сега е разединето.

„Сликата за синдикалното движење најдобро се гледа за Први мај, кога улиците ќе бидат преполни, тогаш ќе зборуваме за силно синдикално движење, и кога синдикатите ќе бидат подготвени да протестираат против секоја власт што носи штетни одлуки за работниците“, вели Шишовски.

Затоа и сугерира дека најургентно е потребно синдикалното движење да се реорганизира, силите да се здружат, и така ќе стане респектабилна синдикална сила.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 753 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.