ФЕНИ заминува во стечај?

30 October, 2017 - 19:08

На комбинатот Фени му се заканува стечај. Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска Банка и Силк роуд банка до надлежниот суд во Велес поднесоа предлог за реструктуирање и реорганизација на ФЕНИ со отворање стечајна постапка. Тие се најголемите доверители кои побаруваат околу 40 милиони евра. Според нив компанијата Енекод за која се говореше дека е новиот сопственик на ФЕНИ, не ги исполнила обврските кон вработените, дале многу ниска  понуда, не презенитирала доказ дека е финансиски способна да ги врати долговите и не добила согласност од банките.

„Ова не значи дека наша желба е стопирање на ФЕНИ, туку целта е низ стечајната постапка да се најде силен и сериозен инвеститор кој ќе ги прземе обврските кон банките и другите доверители и ќе овозможи продолжување на производството. Банките се спремни за репрограмирање на долговите и ќе се направи јавна понуда за рестартирање. Наша цел е да го штитиме банкарскиот систем“, велат од  Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска Банка АД Скопје и Силк роуд банка АД  Скопје.

Владата е децидна, нема да се меша во процесот туку ќе помага вработените да останат на работа, инвеститорот да си ги исполни обврските и да се сочува овој индустриски капацитет.

„Немаме намера да бидеме султан влада, туку да овозможиме спроведување на законите.Ќе следиме се што ќе се случува зашто ФЕНИ е многу важен капацитет за македонската економија“, вели вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Веста за стечајот на ФЕНИ ги шокира вработените.

„Праксата покажува дека најлоша солуција за решавање на статусот на било која фирма е стечај.Во ФЕНИ стечајната постапка чини многу пари.Кој ќе ги обезбеди ако се знае колку пари побаруваат доверителите?Брзо завршување на стечајна постапка во Македонија е апсурд дури и кога политиката се меша а камоли денес кога новата влада се определи да исклучи секакво свое влијание во судството. Што ќе се случува со работниците во тој период?“, праша Пеце Ристески од синдикатот на СИЕР.

Бугарската Енекод преку соопштение најави дека официјалните преговори за преземање на ФЕНИ ќе ги започне денеска заедно со експертска анализа, за да се изготви план за ревитализација на фабриката. Потврдуваат дека имале неофицијални средби со кредиторите но тие не ги прифатиле предлозите. Повторуваат дека не се откажуваат од купување на комбинатот и се надеваат на договор со банките во интерес на ФЕНИ. Вицедпремиерот Анѓушев кусо рече дека во ФЕНИ веќе влегла УЈП и финансовата полиција за да се направи истраги зошто ФЕНИ се доведе во ваква состојба. Единствено што откри е дека ФЕНИ две години не поднел завршна сметка .

Сегашниот сопственик на ФЕНИ, фирмата Кунико има вкупен долг од 60 милиони евра. Пред точно 10 дена владата објави дека по еден месец преговори, комбинатот е продаден на бугарската фирма ЕНЕКОД чија основна дејност е трговија со струја и дека таа ги презема сите обврски кон доверителите. Заостаната плата вработените ја добија во петокот, но таа не е исплатена од ЕНЕКОД туку е заем од друга компанија.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 2042 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.