Манафорт и Гејтс во домашен притвор, им се закануваат по десетици години затвор

30 October, 2017 - 21:07

Пол Манафорт, поранешниот шеф на изборниот штаб на претседателот Доналд Трамп, и неговиот помошник Рик Гејтс, денеска се изјаснија дека не се виновни по 12-те обвиненија кои против нив ги покрена специјалниот обвинител Роберт Мјулер. Судија во Вашингтон им одреди мерка домашен притвор и им ги одзема пасошите.

Обвинителството побара кауцијата за бранење од слобода - 10 милиони долари за Манафорт и пет милиони за Гејтс, но на крајот сите страни се согласиле на мерката домашен притвор.

Манафорт и Гејтс се обвинети за контакти со про-руска организација од Украина, која била поврзана со соборениот украински претседател Виктор Јанукович. Конкретните обвиненија против нив се заговор против САД, перење пари, криење на странски донации и банкарски трансфери и неовластено претставување на странски држави во САД, за што на Манафорт вкупно му се заканува затворска казна од 80, а на Гејтс од 70 години.

Портпаролката на Белата куќа Сара Сендерс изјави дека обвиненијата се однесуваат на работата на Манафорт пред тој да биде именуван за шеф на изборниот штаб на Трамп и поради тоа немаат никаква врска со претседателот. Сендерс ги отфрли и прашањата во врска со Џорџ Пападопулос, надворешно-политички советник на Трамп, за кој денеска беше објавено дека стапил во контакт со руски професор кој му нудел имејл пораки од Хилари Клинтон.

- Пападопулос беше обичен волонтер во советодавно тело во кампањата, кое се состана само еднаш, изјави Сендерс.

Џеј Секулоу, правен советник близок до Трамп, изјави дека претседателот нема намера да ја запре работата на обвинителот Мјулер, ниту пак дека размислува за помилување на Манафорт и Гејтс. Трамп има право да го отпушти Мјулер и неколку пати навестуваше дека може да го стори тоа. И портпаролката Сендерс изјави дека претседателот Трамп нема да се меша во работата на обвинителот и очекува неговата истрага наскоро да биде завршена.

По обвиненијата за Манафорт и Гејтс се огласи и руското Министерство за надворешни рабти. Портпаролката Марија Захарова рече дека во обвиненијата против Манафорт и Гејтс има одредени невистини и можни подметнувања. Захарова посочи дека во обвинението има некои фактографски грешки, како на пример дека Јулија Тимошенко била претседателка на Украина пред Јанукович.

- Ова е важен детал кој укажува на тоа како било подготвувано обвинението. Во сериозна истрага вакви пропусти не може да се случат, изјави Захарова.

Манафорт беше шеф на изборниот штаб на Трамп од јуни до средината на август, кога беше сменет поради новинарските извештаи дека во минатото работел како лобист за украински организации кои биле поврзани со про-руската Влада на Виктор Јанукович. Манафорт и Гејтс се обвинети дека примале пари преку сметки на Кипар, Сејшелските Острови и други оф-шор дестинации.

Претседателот Трамп реагираше преку Твитер, велејќи дека обвиненијата против Манафорт се однесуваат на период пред тој да биде дел од неговата кампања, а вистинската корупција и поврзаност со Русија е во контактите што Хилари Клинтон ги имала со руски бизнисмени и политичари.

- Жалам, ама ова беше пред повеќе години, пред Пол Манафорт да стане дел од мојата кампања. Но, зошто во фокусот не се Расипаната Хилари и демократите? Воедно, нема ЗАГОВОР!, напиша Трамп на Твитер. 

Освен обвиненијата против Манафорт и Гејтс, тимот на Мјулер денеска информираше дека уште еден ниско рангиран поранешен надворешно-политички советник на Трамп, Џорџ Пападопулос, признал дека лажно сведочел пред агентите на ФБИ кои ја истражувале неговата поврзаност со Русија. Пападопулос стапил во контакт со руски професор кој му ветувал дека ќе му испорача илјадници пресретнати имејл пораки од Хилари Клинтон, и им предлагал на членови на тимот на Трамп да отпатуваат до Русија на средба.

Паралелно со обвиненијата, Тони Подеста, директор на водечката лоби фирма „Подеста груп“, денеска најави дека се повлекува од функцијата, откако и тој беше посочен во истрагата на Мјулер. Тони Подеста е брат на Џон Подеста, кој беше шеф на изборниот штаб на Хилари Клинтон, советник на претседателите Бил Клинтон и Барак Обама, и директор на Центарот за американски прогрес. „Подеста груп“ ги застапува интересите на голем број странски држави во Вашингтон, а меѓу нив била и организацијата Европски центар за модерна Украина. Оваа група ги ангажирала и Манафорт и групата Подеста да ги застапуваат проруските партии од Украина.

Веста е прочитана 477 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.