Синдикатот на „Фени“ не прифаќа стечај

31 October, 2017 - 10:42

Синдикатот на „Фени“ не прифаќа стечај и најави дека со штрајкови ќе ги блокира и судот и банките ако дојде до тоа. Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк Роуд банка АД Скопје вчера до надлежниот суд во Велес поднеле предлог за почнување на стечајна постапка за компанијата за фероникел од Кавадарци „Фени индустри“, бидејќи вкупниот долг што го има кавадаречката фирма кон трите банки не може да го сервисира.

Претседателот на синдикатот Ѓорѓе Палитов вели дека стечај не е прифатлив, затоа што во такви услови работниците треба да седат дома и да не земаат плата. Палитов вели дека нема да останат рамнодушни и да молчат, а толку народ да остане, како што кажа, без леб.  

Тој рече дека вчера на тричасовната средба вицепремиерот Кочо Анѓушев им тврдел дека Владата ќе се заложи за да не дојде до стечај. Само што се вратиле во Кавадарци, биле информирани дека банките побарале стечај и тоа многу ги налутило. За денеска Палитов најави дека ќе одржи состанок со Одборот на синдикатот и со сите вработени и ќе одлучат за понатамошните активности. Според него, банките имаат нереални барања за гаранции до бугарскиот инвеститор. Појасни дека вчера заедно со транспортерите имале состанок со Анѓушев и се договориле наредните денови да му дадат можност на бугарскиот „Енекод” да ја дефинира понудата спрема банките и останатите доверители.

Веста е прочитана 635 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.