Пуџдемон од Брисел ќе се обрати до јавноста

31 October, 2017 - 11:02

Сменетиот каталонски лидер Карлес Пуџдемон денеска во Брисел ќе одржи прес-конференција, на која ќе се обрати до европската јавност, јавуваат каталонските медиуми.

Претходно, каталонскиот сепаратистички советник Алеикс Сари Камарго најави дека Пуџдемон планира прес-конференција за денеска, на која ќе се „интернационализира контроверзната употреба“ на Членот 155 од шпанскиот Устав.

Белгискиот адвокат Пол Бекерт синоќа изјави дека Пуџдемон се наоѓа во Белгија и тој ќе ги застапува неговите интереси.

Јавниот обвинител на Шпанија Хозе Мануел Маза вчера поднесе кривични пријави против членовите на регионалната Влада на Каталонија, вклучително и Пуџдемон. Членовите на каталонската Влада се обвинети за поттикнување на бунт, антидржавни активности и присвојување на државен имот, за што им се заканува затвор од најмногу 30 години. Маза најави дека ќе побара и мерки за обезбедување на обвинетите.

Бекерт не потврди дали ќе биде поднесено барање за азил во Белгија од страна на Пуџдемон. 

Бекерт, кој  во минатото бил адвокат на членовите на баскиската сепаратистичка организација ЕТА, појасни дека засега се уште не станало збор за тоа дали Пуџдемон ќе бара азил. За телевизијата ВРТ тој изјави дека Пудемон дошол кај него и побарал совет.

- Пуџдемон не е дојден во Белгија за да бара азил. За тоа уште не е одлучено, истакна Бекерт.

По средбата со Пуџдемон, Бекерт изјави дека неговиот клиент е со „силен дух“, управуван од „силната поддршка на неговите приврзаници во Каталонија“.

Белгискиот комесар за бегалци Дирк Ван ден Балки изјави дека Пуџдемон и петмината каталонски министри, би можеле да добијат политички азил само во случај да докажат дека се жртви на тежок прогон и оти им се заканува сериозна опасност.

Претходно, белгискиот министер за миграција Тео Франкен изјави дека давањето азил на Пуџдемон „не е нереално“ и оти е „100 отсто легално“. Реакција веднаш дојде и од белгискиот премиер Шарл Мишел кој рече дека „азилот воопшто не е на дневен ред“ и побара од својот министер да не го разгорува огнот.

Правници, цитирани од белгиски медиуми, велат дека европското и белгиското законодавство дозволува државјанин на ЕУ да побара заштита во друга земја на Унијата, но доделувањето на таков статус е исклучително тешко. Секоја земја што пристапува во ЕУ однапред ги исполнува барањата за заштита на основните човекови права. Доделувањето статус на азил подразбира признавање дека во таа земја на ЕУ не се заштитени основните права. Во Белгија, во последните 10 години нема случај на доделување азил на граѓанин од ЕУ. За да биде задоволено таквото барање, барателот треба да докаже дека во својата татковина ќе биде прогонуван и нема да биде во можност да се заштити, истакнуваат правниците.

Во меѓувреме, шпанската Влада за денеска во 18 часот закажа вонредна средба, на која ќе се дискутира за одговорот на Мадрид во однос на неочекуваното заминување на Пуџдемон од земјата.

Веста е прочитана 716 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.