Фени експресно доби стечаен управник

31 October, 2017 - 16:06

Комбинатот Фени експресно доби стечаен управник. Откако вчера трите банки Комерцијална, Стопанска и Силк роуд поднесоа барање до велешкиот суд, денеска веќе е отворена предстечајна постапка, како стечаен управник е назначен Мирослав Анастасиевски од Гостивар а првото рочиште е закажано за 13 ноември. Во објавата на Централен регистар како сопственик на Кавадаречки Фени се појавува бугарската фирма Енекод. Во објавата пишува дека по отворање на предстечајната постапка се одредува општа забрана за располагање со имотот на должникот

„Се забранува одредување или спроведување на присилното извршување или обезбедување против должникот, се забрануваат исплати од сметката на должникот“, пишува Централниот Регистар.

Иако банките вчера во владата рекоа дека во следните 10-15 дена може да се случи некој од потенцијалните три инвеститори да достави понуда и стечајот да биде сопрен, Централниот регистар објави дека е променет директорскиот тим во Фени. За нов извршен директор е назначен Рајчо Алјошев Коцаров, кој е еден од сопствениците на Енекод од Бугарија а Фани Антимова е назначена за претседател на Одборот на директори.

Вработените се шокирани од стечајот во кој преку ноќ се најде комбинатот, особено што вчера по неколку часовната средба со вицепремиерот Анѓушев им било ветено дека ќе се стори се тоа да не се случи. Тие се сомневаат во заднината на целиот случај бидејки досега не им е познат случај на вака експресно почнување на предстечајна постапка. Ги обвинија банките дека поставиле нереални барања до бугарскиот инвеститор со цел да си замние а Фени да се продаде на швајцарски фонд. Стечајот пак, според првиот човек на Комерцијална Банка, Хари Костов е шанса за наоѓање вистински инвеститор и продолжување на производството.

„Фени има 40 милиони евра долг, ниту една банка нема да му даде заем. Кунико рече дека нема да вложува а Енекод не вложи ни денар, освен што побарува за испорачана струја. Значи кој е тој што сега на Фени ќе му даде пари за да работи? Има инвеститори со финансиска сила. Овој стечај ќе доведе до тоа таквите инвеститори да се легитимираат. Тој што ќе се покаже најсилен ке ја добие Фени“, вели Костов.

Фени има значаен удел во креирање на БДП а неговото затворање освен што ќе остави илјадници луѓе без работа, ќе се одрази и на вкупната економија во земјата. Ќе биде голема штета да пропадне овој индустриски капацитет, вели Бранко Азевски, затоа банките и владата мора да изнајдат решение за поттикнување на производството.

„Наша определба е извозните капацитети да опстојат на пазарот и да се поддржат во моменти кога ќе имаат проблем“, вели Азевски.

Фени со години работи со загуба а финансиските иснпекции утврдиле дека комбинатот две години не поднел завршна сметка. На вчерашниот брифинг во владата меѓу банкарите и вицепремиерот беа најавени правни дејствија за кривично гонење на раководството и сопствениците на Фени, кои го довеле комбинатот во ваква состојба.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 3131 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.