Буџетот пред јавноста пред да го усвои Владата

31 October, 2017 - 17:31

Јавноста ќе биде таа што ќе го даде првиот суд за новиот буџет за идната година, пред тој да се достави на усвојување во Владата. Министерот Тевдовски соопшти дека од Финансии веќе го подготвиле предлог буџетот, а законска обврска на Владата е тој да биде доставен до Собранието до 15 ноември. Претходно, сите засегнати страни ќе го кажат своето мислење за најважниот економски документ.

„За прв пат во земјава ќе се организира јавна дебата за буџетот, ние во четврток во МФ организираме јавна дебата на која ќе ги претставиме контурите на предлог буџетот, нашите размислувања, пред Владата да го усвои буџетот“, рече Тевдовски.

Договорена е средба и со коморите, невладините организации и синдикатите.

Првиот финансиер засега открива само дека планот е буџетскиот дефицит да биде за нијанса понизок од годинава, или 2,8 отсто од БДП.

Стапката на раст за 2018 не се обелоденува, но според сознанијата, таа ќе изнесува 3,2 отсто. Тевдовски, кој ги повика банките повеќе да ги кредитираат фирмите за така да се поттикне растот, не се согласува со критиките дека со задолжувањата на домашниот пазар, Владата ги истиснува парите од стопанството.

Вели, тие во спротивно би биле стерилизирани во Народна банка, а вака со ниски камати се финансираат потребите на државата.

Според сознанијата на Телма, во новиот буџет ќе биде зголемен Буџетот на Министерството за одбрана, со цел доближување до НАТО стандардите.

Министерството за финансии денеска ги објави податоците за задолженоста за третиот квартал. Јавниот долг, кој ги вклучува државниот и гарантираниот долг, е 4,69 милијарди евра, што е 45,8 отсто од БДП. Во однос на претходниот квартал, долгот е намален за 16,8 милиони евра, или за 0,2 процентни поени. Од Финансии велат дека тоа се должи на отплата на обврски за надворешен стар долг од 101,9 милиони евра.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1620 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.