СО НЕРЕАЛНА СТАТИСТИКА ПРОТИВ НЕВРАБОТЕНОСТА ВО ПРИЛЕП

21 April, 2014 - 18:15

 

Дури 19518 лица го решиле проблемот со невработеноста, во последниве 9 години во Прилеп? Ваква информација ќе добие ако се анализираат податоците објавени на интернет страницата на Агенцијата за вработување. Во март 2005 година,како што покажува графиконот имало 26729 невработени лица, а годинава истиот месец се евидентирани 7211. Ова не е реалната состојбата со невработеноста во градот. Бидејќи во допис од Агенцијата дообјаснуваат дека освен активните, има и  7375 „пасивни“ баратели на работа. Но, и во овој случај, невработеноста достигнува бројка од 14586 или за 12.000 помалку во однос на 2005 година.

 

 

 

Од Агенцијата не може да се добие информација во кои фирми се вработени овие лица. Се посочуваат само дејности: преработувачка индустрија, трговија,административни и помошни услужни дејности,  транспорт и складирање, градежништвото. Освен тоа велат, не се води евиденција за вработувања, туку за број на пријави. Што значи дека едно лице без оглед дали е невработено или дали се префрла од една во друга фрима,се евидентира неговата пријава, а не фактичкото вработување.

 

Зачудува фактот што, иако нема новоотворени капацитети кои треба да ја дадат сликата за нововработените илјадници граѓани, само во последните 15 месеци се регистрирани 7869 пријави за нови вработувања.Најверојатно и сите нови вработувања се на граѓани од добро ситуирани семејства, бидејќи во центарот за социјална работа, веќе трета година  нема намалување на корисниците на социјална помош, кои во моментов достигнуваат до 2224.

 

  

 

“Во 2012 година сме ја завршиле бројката со 2100, во 2013 со 2150. Бројот е варијабилен, но не е значително пореметен бројот на корисници на социјална парична помош“, вели Снежана Јованоска, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

 

 

 

Од друга страна граѓанските здруженија посочуваат на проблемот со масовното иселување на младите.

 

 

 

„Младите се најдрагоцениот ресурс на државата и гледаме дека општеството не прави ништо за да ги задржи,и многу  е тажно како млади и образовани луѓе ја напуштаат државата, за да мијат чаши во дискотеките во западните земји, а нашата држава останува без еден образован кадар и без млади и способни луѓе“, вели Џелал Хоџиќ од граѓанската иницијатива 8 Септември.

 

 

 

Во редот на невработените во Прилеп се и 1207 граѓани со високо образование, 54 магистри и еден доктор на науки. Прилеп со години тоне во стопанско сивило. Апелите на граѓаните и за време на овие избори се за обезбедување нови работни места и економски развој.

Моника Талеска

Веста е прочитана 127 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.