Апелацискиот суд ќе одлучува за „бомбите“ како доказ за „ТНТ“ и „Топлик“

3 November, 2017 - 10:25

Апелацискиот суд Скопје денеска на две јавни седници ќе одлучува дали „бомбите“ ќе бидат докази во предметот „ТНТ“ за уривањето на станбениот комплекс „Космос“ и во предметот „Топлик“ за случајот „Сончев град“.

Во „Топлик“ осомничени се шест лица од Министерството за транспорт и врски за изградба на „Сончев град“.

Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на 27 септември годинава ги одби „бомбите“ како доказ во случаите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“.

Апелацискиот суд Скопје вчера донесе одлука „бомбите“ да се користат како доказ во судската постапка во случајот „Тендери“, во кој е обвинета поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“. 

Снимките од прислушуваните разговори досега се прифатени како докази и во предметот „Триста“ во кој обвинет е поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски и за „Насилство во Центар“ во кој обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски.

Веста е прочитана 622 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.