Се укинува Советот за јавни набавки

3 November, 2017 - 15:36

Советот за јавни набавки ќе се укине во декември а до следниот октомрви ќе се подготви и нов Закон за  јавни набавки кој ќе се базира на европската регулатива и меѓународните практики. Причините за ваквата реформа според министерот за финансии Тевдовски лежат во отежнатата примена на законот, кој иако е 15 пати изменет, не ги направил поедноставни процедурите за јавни набавки, па болниците често остануваа без материјал за работа, училиштата без греење а општините без сол и песок во зимскиот период.

„Советот досега не ја исполни дадената задача, тој е кочничар и ги одолговлекува постаопките“, вели Ѓорѓи Георгиевски од Бирото за јавни набавки.

Во ситуација кога преку јавните набавки се троши една третина од буџетот, бирото мора да има пошироки ингеренции за заштита од корупција и злоупотреба на јавните пари. Од делегацијата на ЕУ велат дека системот на јавни набавки мора  да биде ефективен и ефикасен, бидејки сегашниот не одговара на препораките и потребите.

„Корупцијата за време на процесот на набавки се уште останува, Транспарентноста на јавното трошење треба да биде зголемена и наводите за нерегуларности во набавките треба да бидат соодветно истражени. Процесот на набавки стана покомплексен, поскап и одзема повеќе време со воспоставуањето на Советот за јавни набавки“, вели Јаромир Левичек од делегацијата на ЕУ.

Како досега се спроведувале јавните набавки беше илустрирано со набавка на лек за рак на бели дробови, кој бил купен за 36.000 евра, иако првично било планирано да се потрошат 244.000 евра. При тоа никој не го отвора прашањето на што се должи оваа ниска цена и како таа влијае на ефикасноста на лекот. Тоа според Сабина Факиќ, кажува дека не се води грижа за квалитетот дури и кога станува збор за човечки живот.

„Заборавена е суштината дека целта на јавните набавки е да се добие најдобра вредност за потрошените пари а не да се купи најевтиното, што на среден и долг рок ќе чини многу повеќе и генерира нови трошоци“, вели Факиќ.

Извештајот на државниот ревизор покажа дека системот на јавни набавки не обезбедува конкуренција и еднаков третман на операторите, дека нерационалното искористување на средствата го намалува квалитетот на набавките а најниската цена ја намалува реалната конкуренција. Од таму според најавите со реформите во системот на јавни набавки ќе се исклучи критериумиот најниска цена, електронските аукции нема да бидат задолжителни и ќе се укине негативната референца.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 2410 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.