Стигнаа првите критики за власта – од каде излезе зголемената акциза

3 November, 2017 - 15:39

Стигнаа првите критики на адреса на Владата, иако таа се колнеше дека за сите клучни новини ќе отвори широка дебата, најавената мерка за раст на акцизата за  нафтата за три денари предвидена веќе со новиот буџет за идната година, ја шокираше јавноста. Иако сите зборуваа за прогресивното праведно оданочување кај персоналниот данок, таа реши оваа реформа да ја одложи дури за 2019, со образложение дека не сака да ги затекне неподготвени економските субјекти, тој негативен ефект го предизвика кај сите граѓани, со одлуката за поскапување на дизелот.

Експертите велат дека и тие се изненадени од оваа одлука.

„Неочекувано е, бидејќи оваа промена не се базира на претходна дебата, како еден принцип кој кажа дека ќе го почитува новата Влада и исто така, освен за буџетските пресметки, на јавнсоат не и беа понудени пресметки како тоа ќе се одрази врз најсиромашните и какви ценовни притисоци тоа ќе предизвика. Владата е коректно да отвори таква дебата, да направат некакви пресметки и во една информирана атмосфера да се доенсе одлука, бидејќи ад хок носење на одлуки беше карактеристика на едно друго време“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Ако Владата сака да плаќаме повеќе, прво треба да ни покаже дека таа се обидела да троши помалку, вели аналитичарот Петар Арсовски.

„За Владата да посегне по зголемување на даноците како начин за обезбедување на дополнителни приливи во буџетот, треба, особено Владата која се декларира како реформска, прво да се обиде да ги скрати непродуктивните расходи. Од прогресиовниот данок Владата најавуваше дека треба да оствари дополчнителен проиход од 37 милиони евра, од акцизата плус ДДВ 32 милиони, значи вкупно околу 70 милиони евра, а претходно најавуваа дека во буџетот има стотици милиони евра непродуктивни расходи“, вели Арсовски.

Петрески смета дека нема простор за поголеми стравувања во врска со цените.

„Видовме дека вчера и гувернерот беше затекнат и кажа дека првата рунда од тие ефекти се вкалкулирани во предвидената инфлација од 2 отсто, но и тие немаат направено проценки како тоа натаму ќе се вгради во цените на продуктите во кои влегува нафтата како импут“, вели Петрески.

Владата со новиот буџет најави дека ќе ги зголеми платите во Армијата, образованието и здравството, и ќе вработува во градинките.

„Сите меѓународни извештаи покаѓуваат превработеност во јавната администрација, неефикасност и преголеми социјални трансфери. Владата треба да направи реорганизација, дури и да отпушта, колку и да е тоа болно, па потоа да разговараме за дополнителни буџети“, вели Арсовски.  

Денеска и Синдикатот на УПОЗ соопшти дека парцијалното зголемување на платите создава револт и незадоволство кај другите дејности во јавниот сектор - јавната администрација, судската и јавнообвинителската служба. Бараат итна средба со првиот финансиер. Платите во судската и обвинителската служба не се зголемени три години.

„Од овие причини во 2016 имаше штрајк од 60 дена. Слична е состојбата и со вработените во казнено-поправните установи, шумската, затворската и судската полиција“, наведува УПОЗ. 

Буџетот чии контури вчера ги претстави министерот Тевдовски ќе тежи 3,44 милијарди евра. Петрески вели дека во него е позитивно намалувањето на дефицитот и определбата за постепена фискална консолидација. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 8178 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.