Нема да има генерален реизбор на судиите?!

3 November, 2017 - 16:01

Идејата за генерален реизбор на судиите, најверојатно нема да се најде во Стратегијата за реформи за правосудството што се подготвува заедно со Европската комисија. Министерот за правда се повика на извештајот на Прибе, чии експерти не го одобруваат ваквиот потег, велејќи дека лошото однесување на некои судии, не треба да се генерализира.

Во кампањата пред парламентарните избори, премиерот Зоран Заев постојано најавуваше дека, веднаш по 11 декември, ќе има генерален реизбор на судиите. Но, домашната експертска јавност се подели по ова прашање, а странските експерти се против. Неизвесно е и дали во стратегијата ќе се најде идејата за двоен избор на судиите, односно, да се даде можност и истакнати правници и универзитетски професори кои не ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители, да бидат избрани за судии, особено во повисоките судови, како Врховниот суд. Министерот призна дека се размислувало за тоа, но дека се уште нема конкретен став.

Директорката на Академијата вели дека Прибе го поддржува постоечкиот систем, но Советот за реформи самиот одлучува дали ќе ги земе предвид неговите препораки.

Арнаудова ги отфрли критиките во јавноста дека Академијата е монополска и бирократска институција што вади неквалитетни кадри. Францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние, рече дека бил изненаден од критиките кон оваа институција од страна на новата власт. Но, фактот што и од претходната влада имале студен однос кон нив, вели, само докажува дека Академијата извонредно си ја врши работата. 

Далиборка Дамјанска Цветановска

Веста е прочитана 1498 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.