Синдикатот за култура бара решавање на хаосот со платите

4 November, 2017 - 17:46

Синдикатот за култура на РМ ја поздравува одлуката на Владата , да ги покачи платите на вработените во армијата, здравството и образованието. Воедно ја потсетуваме Владата и министерствата за култура и за финансии дека во културата постои огромен проблем со платите кој треба ургентно да биде третиран и кој не се решава со покачување од 5 до 10 %, се вели во дописот од СКРМ. Од Синдикатот сметаат дека во културата само формално постои општ колективен договор  од 2005 година, кој во пракса никогаш не е спроведен. А, во институциите од различните дејности во културата, постои тотален хаос во однос на начинот на пресметка на платите и нивната висина, велат од СКРМ.

- Во одредени институции платите се пресметуваат по бодови , иако таа методологија не е предвидена во општиот колективен договор кој предвидува пресметка според утврдениот коефициент. Линеарноста која ја предвидува колективниот договор во однос на висината на платите во различни дејности, според статусот на вработените, е апсолутно нарушена , па така вработените од една дејност земаат помали плати во однос на вработените со ист статус, во друга дејност. Апсурдот оди до тој степен што и во рамките на една иста дејност, двајца вработени со ист статус земаат различни плати благодарение на политичките лобирања на директорите на институциите, од времето на различни политички гарнитури на власт. Тоа доведе до парадоксална ситуација, платите во одредени локални установи да бидат поголеми од платите во матичните национални установи, велат до Синдикатот за култура. 

Во 2015 година Министерството за култура и СОНК  доставиле нов предлог колективен договор кој не го решава хаосот со платите, туку и дава правна верификација на сегашната дискриминација меѓу различните дејности, додаваат во дописот од СКРМ . Тие ја повикуваат  Владата и министерот за култура , веднаш, заедно со нив, да изработат нов Закон за култура и нов колективен договор што ќе бидат по примерот на развиените западно- европски држави. Во соопштението од министерството за култура велат дека ги знаат проблемите и дека тие ќе се решат до донесувањето на Националната стратегија, за која сега се води јавна расправа.

- Тие состојби се нотираат и како горливи прашања ќе бидат решавани со Стратегијата за културен развој на Република Македонија 2018-2022, во која се предвидуваат измени на Законот за култура и потпишување нов Колективен договор, велат од Министерството за култура. 

Јавната расправа по нацрт текстот за Стратегијата е во тек и ќе се финализира во декември, додаваат во соопштението од Министерството за култура.

 

Сотир Трајков

    

Веста е прочитана 591 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.