Единствен начин да се уништи севернокорејската нуклеарна програма е копнена инвазија

6 November, 2017 - 12:49

Американскиот вице-адмирал Мајкл Думонт, заменик директор на Советот на американскиот Генералштаб, го информираше Конгресот дека единствен загарантиран начин да се уништи северно-корејската нуклеарна програма е копнена инвазија против оваа држава со 25 милиони жители.

Адмиралот Думонт одговори на прашање на повеќе демократски конгресмени упатено до Генералштабот за очекуваните загуби при евентуална таква операција, како и на тоа дали би било можно нуклеарната програма на Северна Кореја да се уништи само со воздушни напади.

Според анализата на Генералштабот, сериозен проблем е тоа што Сеул, главниот град на Јужна Кореја чие население е приближно еднакво на населението на Северна Кореја, се наоѓа на само 50-ина километри од границата со Северна Кореја и може лесно да биде погоден од сконцентрираната севернокорејска артилерија, што би предизвикало огромни цивилни жртви.

Покрај нуклеарното оружје и илјадниците топови свртени кон Сеул, Северна Кореја располага и со хемиско и биолошко оружје, кое се чува во утврдени постројки закопани длабоко под земја.

- Проценките се крајно потресни, изјави сенаторката Дајен Фајнстајн, која претседава со Комитетот за разузнавање на Сенатот.

Барањето да се информира Конгресот за армиските проценки за евентуален напад врз Северна Кореја доаѓа во време кога претседателот Доналд Трамп е во посета на Источна Азија, вклучително и Јужна Кореја и Јапонија, двете земји кои се чувствуваат најмногу засегнати од евентуалните агресивни чекори на Северна Кореја. Трамп и севернокорејскиот водач Ким Јонг-ун разменија закани за меѓусебно уништување во изминатите месеци.

Веста е прочитана 1687 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.