Во „Рајските документи“ од Трамп, Мадона, па се до руските милијардери

6 November, 2017 - 21:32

Светот повторно го тресе огромен офшор финансиски скандал. Панама пејпрс е мало дете за новата Парадајс пејпрс, сметаат новинарите на Зидојче Цајтунг кој дојде до фрапантни документи и ги сподели со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинар.

Ние ги имавме Панама пејпрс, но веднаш согледавме дека ова е нешто големо повторно.

Документите зборуваат сами за себе

The Paradise Papers или Рајските документи се всушност податоци од  адвокатската компанија Еплбај со канцеларии на Бермудските острови и Сингапур. Протечени се вкупно 13,4 милиони документи кои ќе откријат како повеќе светски лидери и моќни личности преку фондови и офшор-сметки ги чуваат нивните милијарди во таен свет за обичниот човек. Во истражувањето објавено од новинари од повеќе светски медиуми има податоци за офшор-пари на британската кралица. Покажуваат како милиони фунти од приватните сметки на британската кралица Елизабета се инвестирани во фонд на Кајмански Острови. Дел дури отишле за компанија, која е обвинета дека ги искористува сиромашните семејства и загрозените лица.

Приходите на Нејзиното Височество и владиниот веќе се подготвени за да се запознаат со повеќе информации за сопственоста на офшор компаниите, за да можат да се осигураат дека луѓето го плаќаат својот данок. Ние сакаме луѓето да го платат данокот што треба да го платат кажа Тереза Меј – Премиер на Велика Британија.  

Имињата на повеќе од 120 политичари во речиси 50 држави се појавуваат во протечените документи кои опфаќаат 1,4 терабајти. Во фокусот на проневерите со големи офшор зделки се и  членови на кабинетот на Доналд Трамп. Вкупно во документите се споменуваат имиња на десетици советници на Трамп, членови на владата и големи донатори. Американскиот секретар за трговија Вилбур Рос имал удели во компанија за бродски превоз на Маршаловите острови. Фирмата добивала милиони долари од други компании меѓу чии сопственици се и зетот на рускиот претседател Владимир Путин и руски олигарси кои во моментов се под истрага на американското министерство за финансии.

Во протечените документи се наоѓаат податоци и за големи руски инвестиции во интернет гигантите Твитер и Фејсбук, за Агресивно затајување на даноци од страна на мултинационалните корпорации, вклучувајќи ги и "Најк" и "Епл", за Сложените офшор мрежи кои се користат од двајца руски милијардери, за да купуваат удели во фудбалските клубови на Арсенал и Евертон, но има и како и досиеја за поп-ѕвездите Мадона и Боно од Ју 2.

Документите на Еплбај датираат од период од 70 години од 1950 до 2016. Во нив има електронска пошта, договори за позајмици вредни милијарди долари и банкарски трансакции на повеќе од 25 илјади фирми на луѓе од 180 држави. Исто како и во случајот со Панама пејпрс се очекува објавување на низа документи во наредниот период кој ќе треба да откријат уште многу имиња од целиот свет.

Српските медиуми веќе го објавија името на министерот без ресор Ненад Поповиќ како дел од документите. Покажуваат дека Поповиќ поседува имот што вреди најмалку 75 милиони долари, а дека неговата пазарна вредност е повисока од 100 милиони долари, со што тој убедливо е најбогатиот српски политичар. Но, Поповиќ дошол до идеја неговото богатство да го реорганизира преку сложена мрежа на оф шор компании. За сега ниту едно име не се споменува од земјава. Интересен е фактот што во последните години според податоците на народна банка македонија најмногу пари инвестирала во Бермудите, па новите документи би можеле да откријат кои и дали тие биле вистински инвеститори.

Гардијан, ББС, Њујорк тајмс се медиумите кои ја објавија огромната офшор афера. На неа работат повеќе од 380 новинари од 90 медиуми во 67 земји во светот.

Билјана Николовска

Веста е прочитана 2410 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.