Дона Бразил отвори нова рунда обвинувања кон кампањата на Хилари Клинтон

7 November, 2017 - 10:22

Поранешната директорка на Националиот комитет на американската Демократска партија, Дона Бразил, предизвика нова бура од реакции од САД откако својата нова книга ја посвети  на Сет Рич, волонтер во кампањата на демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон, кој беше убиен во јули 2016 година за врема на изборната кампања.

Околу убиството на Рич се појавија голем број теории на заговор, пред се онаа промовирана од основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, дека тој соработувал со Викиликс и и давал доверливи информации од кампањата на Клинтон, поради што и навидно бил убиен.

Бразил веќе предизвика потрес во Демократската партија со тврдењето дека кампањата на Хилари Клинтон финансиски ја преземала контролата над Демократската партија и со тоа оневозможила фер изборна трка меѓу неа и Берни Сандерс, во периодот на партиските избори.

Но, со посветата на книгата, Бразил отвора сосема нова рунда обвинувања, пишува „Њузвик“.

Рич (27) беше застрелан доцна навечер додека се враќал кон неговиот дом во Вашингтон. Полицијата го прогласи неговото убиство за веројатен обид за кражба, при кој напаѓачот отворил оган. Убиецот не беше пронајден.

На почетокот на август, Викиликс понуди награда од 20.000 долари за информации за убиството на Сет Рич. Согласно плитиката на Викиликс, Асанж, одби да потврди дали Рич бил соработник на организацијата, но самата понуда на награда предизвика масовни шпекулации дека тој е човекот кој украл илјадници интернет пораки разменети меѓу водечките луѓе на кампањата на Клинтон и ги испратил на Викиликс.

Демократите ја обвинуваат Русија дека ги хакирала овие интернет пораки и ги објавила со цел да и наштети на Клинтон пред изборите.

Дона Бразил беше именувана за директорка на Националниот комитет на демократите по скандалот со објавувањето на илјадниците интернет пораки и по обвинувањата дека внатрепартиските избори биле наместени во полза на Хилари Клинтон, а на штета на Сандерс.

Во својата книга, Дона Бразил исто така навестува дека убиството на Рич веројатно не било обична кражба. Во книгата, Бразил пишува дека по убиството инсталирала безбедносни камери во својот дом и ги спуштала ролетните во канцеларијата за да избегне снајперски напад.

Како одговор на овие инсинуации, кампањата на Клинтон објави писмо потпишано од стотина советници и активисти, обвинувајќи ја Бразил дека „подлегнала на руската пропаганда“ и дека со својата книга шири лажна слика за предизборната кампања.

И Доналд Трамп јуниор, синот на претседателот на САД, се вмеша во расправијата околу книгата на Дона Бразил и наводните закани кои ги добивала од Клинтон. Преку социјалната мрежа Твитер, тој ја предупреди Бразил да внимава да не и се случи „да ја самоубијат“. 

Веста е прочитана 305 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.