Пуџдемон: Заминав за Белгија за да спречам бран насилства планирани од Мадрид

7 November, 2017 - 15:35

Разрешениот каталонски премиер Карлос Пуџдемон денеска изјави дека заминал за Белгија, бидејќи шпанската влада подготвувала „бран насилства", за што планирала да го обвини него.

Пуџдемон, во интервју за каталонско радио, раскажа дека неговата влада одлучила да се раздели - тој и уште четворица министри да заминат во Белгија за нивната кауза да добие меѓународна димензија, а останатите да одговорат на повиците и да се појават во судот во Мадрид. 

„Не мислам дека згрешив, целосно сум сигурен дека шпанската држава подготвуваше бран од многу сурови репресии, бран насилства, за што ние требаше да бидеме повикани за одговорни„, изјави Пуџдемон. Тој, не објасни како неговото заминување во Белгија го спречил бранот насилства, оние, кои според него, ги планирал Мадрид.

Против Пуџдемон и неговите министри, Шпанија покрена европска потерница, која на 17 ноември ќе биде разгледана од белгиски суд. 

Веста е прочитана 238 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.